Вашингтон пост: Раководството на Украина стравува дека контраофанзивата нема да ги исполни надежите на Западот

reznikov_34534543
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 – Военото раководство на Украина се обидува да го убеди Западот да ги ограничи своите очекувања од планираната контраофанзива, бидејќи не е сигурно дека ќе успее да го сврти бранот на конфликтот, пишува американскиот „Вашингтон пост“, повикувајќи се на интервју со украинскиот претседател Володимир Зеленски и министерот за одбрана Алексеј Резников.







„Очекувањата за нашата контраофанзива се преценети од светот. Повеќето луѓе очекуваат нешто големо“, рече Резников.

Според него, таквите очекувања можат да доведат до „емоционално разочарување“.

Претставниците на властите во Киев стравуваат дека Украина, во случај на неуспех, може да ги загуби испораките на воена помош, а Западот може да се обиде да ја принуди земјата да седне на преговарачка маса со Русија, пишува „Вашингтон пост“.

Весникот посочува дека, според голем број експерти, би било тешко, па дури и невозможно да се врати Русија на позициите што ги имаше пред почетокот на конфликтот во февруари минатата година.

„Мислам дека колку повеќе победи имаме на бојното поле, толку повеќе луѓе ќе веруваат во нас, што значи дека ќе добиеме поголема помош“, рече Зеленски.

Тој посочи дека Украина ќе биде подготвена да започне офанзива „штом го добие оружјето што е договорено со партнерите“. Рокот, сепак, може да се помести во зависност од временските услови, прецизира Зеленски.

Според Резников, „првата украинска нападна група“ е повеќе од 90 отсто подготвена за контраофанзива, но некои војници се уште не ја завршиле обуката во странство.

„Главната потреба на украинските вооружени сили во моментов се системи за противвоздушна одбрана“, нагласи тој.

Зеленски додаде дека Киев нема да чека испорака на борбени авиони за да започне контраофанзива. „Би било многу полесно доколку Украина има Ф-16. Сега губиме на небото“, рече тој.

Претходно, координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека САД се уште не ја разгледуваат можноста за снабдување на Украина со борбени авиони Ф-16.

Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, рече дека испораката на американски борбени авиони „во моментов не е приоритет“.

Во исто време, на 4 март, телевизискиот канал Ен-Би-Си јави за пристигнување на двајца украински пилоти во САД за можна обука на западни воени авиони, вклучително и Ф-16.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK