Бразилскиот фудбалер Нејмар (34) предизвика голем инцидент за време на натпреварот помеѓу Сантос и Баија (1:1) во 32-то коло од бразилското првенство.
Ѕвездата на Сантос доби црвен картон по вербалниот дуел со Родриго Нестор, а потоа се обиде физички да го нападне противничкиот фудбалер. Во тоа беше спречен од другите играчи, кои мораа да ја смират ситуацијата на теренот.
Инцидентот започна во 31-та минута, кога Нестор го фаулираше Нејмар. Бразилецот луто ја фрли топката кон противникот, кој падна на тревникот. Нејмар потоа се обиде да го подигне, по што дојде до турканица на играчи од двата тима. Судијата Савио Переира Сампајо му покажа жолт картон на Нејмар.
На полувремето, Нестор го обвини Нејмар дека го навредил во интервју за „Sportv“. Тој рече дека фудбалерот на Сантос му упатил низа навредливи зборови, но не сакаше да открие што точно му рекол.
„Тој знае што ми кажа. Тоа беше големо непочитување кон мене и дресот на Баија. Мислам дека како играч е идол за сите, но денес тој потфрли како личност со своето однесување. Никогаш не би рекол нешто такво. Не сакам да ги повторувам неговите зборови, има многу луѓе и деца кои го гледаат ова“, рече Нестор.
Вербалниот дуел продолжи пред почетокот на второто полувреме. Нејмар повторно му се приближи на Нестор, ја покри устата со раката за време на разговорот. Играчот на Баија веднаш го предупреди судијата, кој по интервенцијата на ВАР ја прегледа снимката и му покажа директен црвен картон на Нејмар.
Одлуката е донесена врз основа на таканареченото правило Винисиус Жуниор, воведено во Бразил за да се спречи прикривање на навреди и расистички испади за време на натпреварите.
Според ова правило, играч може да биде исклучен ако за време на конфронтација со противничкиот играч намерно ја покри устата за да скрие што зборува.
Нејмар, полуде, откако беше исклучен. Тој не сакаше веднаш да го напушти теренот, а потоа тргна кон Нестор, кој беше заштитен од неговите соиграчи и други играчи. Поради целиот инцидент, паузата на полувремето траеше повеќе од 25 минути.
Погледнете го видеото од инцидентот ТУКА.
По напуштањето на теренот, Нејмар ја објасни својата верзија на настаните и призна дека направил грешка кога ја покрил устата со раката.
„Бев на средина од теренот, се шегувавме и се смеевме, а потоа отидов да разговарам со Нестор. Направив грешка со ставањето на раката на устата. Тоа е најголемата подлост во фудбалот. Но, сепак ќе го фатам“, рече Нејмар.
Подоцна, тој се огласи на социјалните мрежи. Им се извини на навивачите на Сантос и призна дека исклучувањето било оправдано, но го обвини Нестор дека злоупотребил правило против расизмот за да му даде предност на својот тим.
„Она што Нестор ми го направи денес е многу сериозно. Ова правило е создадено за борба против расизмот, а тој сакаше да го искористи за да добие предност во играта. Не му реков ништо. Секако дека се навредувавме и провоциравме, но тоа е дел од фудбалот. Она што го направи беше навистина подмолно“, рече Нејмар.
Поради суспензијата и третиот жолт картон, Нејмар ќе ги пропушти следните два натпревари на Сантос, против Палмеирас и Ред Бул Брагантино.
Foto: Profimedia