Рекордни температури во САД, почина тинејџер: „Се шири екстремен топлотен бран“

5c4727ee-3662-48df-8a91-843962ef31c7.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Западниот брег на САД го очекуваат нови температурни рекорди поради топлотниот бран кој го зафати тој дел од земјата, а „жешката купола“ се надвисна и над Аризона и Невада, каде што милиони Американци страдаат од неподносливи горештини.

Околу 36 милиони луѓе, односно околу 10 отсто од населението, се изложени на топлината што ја зафати Калифорнија, објави Националната метеоролошка служба (NWS).

Научните истражувања покажуваат дека климатските промени, предизвикани пред се од прекумерната употреба на фосилни горива, се главниот виновник за екстремните топлотни бранови ширум светот и ќе продолжат да бидат во позадина на опасните временски феномени и во иднина.

Се очекува високите температури да достигнат или надминат дневни рекорди во Калифорнија, северна Аризона, Ајдахо, Орегон и Вашингтон. Во долината на смртта, национален парк долж границата Калифорнија и Невада, NWS предвидува температури до 54 степени Целзиусови, кои би можеле да траат до петок.

Во саботата таму беа измерени 53°C со што беше соборен рекордот стар 17 години. Од жештините загина 17-годишен мотоциклист. Лас Вегас преживуваше на 46 степени Целзиусови, со што го израмни рекордот од 2007 година.

Температурите на некои места се и за 20 степени Целзиусови повисоки од вообичаените за овој период од годината, па во калифорнискиот град Рединг се измерени рекордни 48 степени Целзиусови. „Во тек е екстремен топлотен бран“, предупреди NWS.

Агенцијата предупредува и на зголемен ризик од шумски пожари, имајќи предвид дека воздухот е топол и сув, со постојано присуство на ветер. Доцна во саботата, жителите беа евакуирани од делови на округот Санта Барбара, каде од петокот изгореа 13.000 хектари земја.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на итна акција за да се спречи „климатскиот пекол“. Минатата недела администрацијата на претседателот Џо Бајден го предложи првиот безбедносен стандард за работниците и заедниците од разорните ефекти на екстремната топлина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK