Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, денеска учествуваше како панелист на дискусијата организирана од Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, на тема „Охридскиот рамковен договор и генерацијата што не чека: 25 години зад нас, 25 години пред нас“.
За време на дискусијата, министерот Ферати направи осврт на историските и политичките случувања што ги одбележаа изминатите 25 години, истакнувајќи ја улогата на Охридскиот рамковен договор во воспоставувањето на мирот и стабилноста, како и во унапредувањето на правата на заедниците.
Тој нагласи дека периодот што претстои бара нов пристап, насочен кон зајакнување на довербата меѓу заедниците, воспоставување дијалог со сите засегнати страни и подигнување на примената на законите и владеењето на правото на повисоко ниво.
Посебно внимание беше посветено на инвестирањето во младите генерации преку квалитетно образование и развој на стручни кадри способни да одговорат на брзите промени на пазарот на трудот. Министерот Ферати ја истакна важноста од подготовката на младите за економијата на иднината, во која дигитализацијата, иновациите и извозот на интелектуални услуги ќе бидат меѓу клучните фактори за конкурентност и економски развој.
„Од дискусијата произлезе пораката дека, додека изминатите 25 години беа од пресудно значење за воспоставувањето на мирот и стабилноста, следните 25 години треба да бидат насочени кон подобрување на животниот стандард и создавање поголеми можности за младите генерации што доаѓаат“, соопштија од министерството.