ЕУ се откажува од „придружно членство“ за Канада


mark-karni-depositphotos_853155542_xl.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Државите членки на Европската унија се откажаа од предлогот на Канада да ѝ понудат статус на „придружен член“. Наместо тоа, во најновиот нацрт на заедничката изјава, подготвен пред самитот ЕУ-Канада, се споменува „сè поблиска соработка“, според документ во кој увид имал „Политико“ (Politico).


Група земји, предводени од Германија, Франција и Грција, се спротивставија на вклучувањето на терминот „придружно членство“ во заедничката изјава, која треба да биде објавена во Монтреал. Ова го потврдија дипломатски извори.

Идејата за придружно членство првично беше предложена од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзиниот септемвриски говор за состојбата на Унијата, потег што ги изненади некои од земјите членки.

Во првичната верзија на нацртот се наведуваше дека ЕУ и Канада ќе „работат на дефинирање на концептот за придружен член до самитот во 2027 година“. Целта беше, „преку уште поблиска соработка, да се одразат заедничките напори за постигнување цели како што се просперитет, економска безбедност и стратешка автономија“.

Новата верзија на текстот гласи поинаку: „Ќе создадеме уште поблиска врска помеѓу Канада и ЕУ… и до самитот во 2027 година ќе работиме на дефинирање на концептот за поблиска соработка помеѓу Канада и ЕУ, што сепак не подразбира полноправно членство“.

Во изјавата, изразот „уште поблиска“ подоцна беше заменет со „сè поблиска“. Документот сè уште чека конечно одобрување. И покрај несогласувањето околу називот, Брисел, сепак, има намера да ѝ понуди на Канада значително проширено партнерство.

Канадскиот премиер, Марк Карни, вчера изјави дека терминологијата не е од клучно значење.

„Добрата вест е што конкретните имиња или терминологијата не се клучни. Важно е што тоа ќе значи за секојдневниот живот на Канаѓаните“, рече тој.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK