Годишниот самит за климатски промени: Надеж или разочарување ?

risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Годишната конференција за климатски промени наречена COP28 во рамките на Обединетите Нации (ОН) почна на 30 ноември 2023 година во Дубаи (ОАЕ) и требаше да заврши на 12 декември 2023, a траеше еден ден подолго, значи точно 14 дена. Присиствуваа 80.000 регистрирани учесници, досега најмногу.







Со Парискиот договор за климатски промени (2015 г.) е поставена цел за ограничување на глобалното просечно покачување на температурата под 2°C, и настојување тоа да биде под 1,5°C. Плус сите земји имаат обврска да поднесуваат т.н. национално определени придонеси (NDC) во кои ги наведуваат активностите што ќе ги преземат за да ги намалат емисиите на стакленички гасови, а со цел постигнување на целите од договорот. А целта е во 2050 година да има климатска неутралност, односно нето НУЛА емисии на стакленички гасови. Една од главните точки на СОР28 беше разгледувањето на т.н. “Global Stocktake“ (GST), преведено “Глобална состојба“, на основа на поднесените извештаи, за да се види како земјите напредуваат во врска со Парискиот договор и како да се дејствува понатаму.

За време на самитот беа водени преговори меѓу овластените национални претставници за точките од Парискиот договор и донесени се одредени заклучоци и мерки. Меѓу другото, тие се:

– Тројно зголемување на капацитетот за обновлива енергија на глобално ниво и удвојување на подобрувањата на енергетската ефикасност до 2030 година;

– Постепено намалување на термоелектраните на јаглен;

– Транзиција од фосилните горива во енергетските системи, на праведен начин;

– Забрзување на технологии со нула и ниски емисии: обновливи извори на енергија, нуклеарни, технологии за зафаќање и складирање на јаглерод, и производство на водород со низок јаглерод;

– Намалувањето на емисиите од патниот транспорт преку развој на инфраструктура и брзо воведување на возила со нула и ниски емисии; итн.

Најголема битка во преговорите се водеше околу проблемот со фосилните горива (нафта, гас и јаглен). Преку 110 земји и голем број еколошки организации бараа нивно постепено целосно исфрлање од употреба до 2050 година, но тоа не беше прифатено од сите земји. Сепак, направен е мал чекор напред. Договорено е да не се бара целосно исфрлање на фосилните горива, туку нивна транзиција во енергетските системи, на праведен начин.

За време на самитот, а особено по неговото завршување прочитав многу информации. Можам да кажам дека многу од нив се разликуваат во однос на резултатите од самитот. Организаторот (земја домаќин ОАЕ), и еден дел владини претставници од разни земји изјавија дека се постигнати солидни или одлични резултати. Но кај друг дел владини претставници, научници и особено за еколошките организации, резултатите се разочарувачки бидејќи не се бара укинување на фосилните горива, а на земјите и компаниите производители им се дава значителен простор за движење во нивната „транзиција“ од фосилните горива.

Според весникот Гардиан (Guardian) ќе има многу проблеми и со овој договор од Дубаи. На земјите во развој им требаат уште стотици милијарди долари финансии како помош за да ја направат транзицијата од јаглен, нафта и гас. Развиените земји и производителите на нафта нема да бидат принудени да се движат толку брзо како што налага науката за климата.

САД лесно ќе се извлечат од овој СОР, бидејќи ветија нешто нови финансии за сиромашниот свет и со својата позиција, како најголем светски производител на нафта и гас, ќе бидат недопрени. Кина ќе продолжи да го проширува своето производство на јаглен, но истовремено и обновливите извори на енергија, а индустријата за јаглен во Индија, исто така, нема да има пречки.

Но, овој договор наиде на големо противење од земјите членки на ОПЕК (производители на нафта). Саудиска Арабија се обиде да отстрани секакво спомнување на фосилни горива, а потоа се обиде да вметне референци за зафаќање и складирање на СО2, технологија во која досега не инвестирала. Русија не беше гласна, а веројатно зад сцената работела да го спречи напредокот на отстранување на фосилни горива и ќе биде многу поактивна следната година кога CОР29 ќе се одржи во Баку, Азербејџан.

Како куриозитет да ја спомнам изјавата на султанот на ОАЕ Ал-Џабер (претседавач на СОР) во текот на првите денови од собирот дека постепеното исфрлање на фосилните горива нема да овозможи одржлив развој „освен ако не сакате да го вратите светот во доба на пештерите“. Веднаш имаше остра реакција во јавноста, но тоа бргу беше заборавено.

Генералниот секрета на ОН Антонио Гутереш рече дека ерата на фосилните горива мора да заврши со правда и правичност. Тој истакна дека постепеното исфрлање на фосилните горива е неизбежно без разлика дали тоа им се допаѓа или не на многу земји и компании. Преговарачите на COP28, исто така, се согласија за обврските во однос на адаптацијата и финансиите, вклучително и операционализација на Фондот за загуби и штети. Но, шефот на ОН истакна дека се потребни многу повеќе средства за да се испорача климатска правда на оние на првите линии на кризата, т.е. на оние што најмногу страдаат.

Критики и фалби имаше по сите претходни самити за климатски промени. Но глобалното затоплување е во постојан пораст, а климатските катастрофи се’ почести и поголеми.

Проф. д-р Ристо Цицонков,

Машински факултет – Скопје

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK