Во рамки на проектот „Македонски музички текови 2026“, поддржан од Град Скопје, Културно-информативен центар – Скопје најавува камерен концерт „Нинослав Димов и пријателите“, кој ќе се одржи на 30 ноември 2026 година, со почеток во 20:00 часот, во Салонот „19’19“.
На концертот ќе настапат Нинослав Димов – саксофон, Маја Поповиќ-Караиванова – пијано и Стојан Димов – кларинет, како специјален гостин. Во програмата ќе учествува и саксофонски квартет во состав: Ѓорѓи Димовски, Григори Ангелов, Антонио Коцев и Филип Давидовски – саксофон.
Влезот за концертот е слободен.
„Нинослав Димов и пријателите“ – музика што ги поврзува генерациите
Музиката има посебна моќ да ги поврзува луѓето, да ги надминува генерациските разлики и да создава простор во кој се преплетуваат различни уметнички искуства, сензибилитети и изрази. Во камерното музицирање, таа поврзаност добива посебна димензија – преку внимателното слушање, меѓусебниот дијалог и заедничкото доживување на музичкото дело.
Концертот „Нинослав Димов и пријателите“ е осмислен како музичка средба во која се преплетуваат пријателството, долгогодишната уметничка соработка и љубовта кон музиката. Во неговиот фокус е саксофонистот Нинослав Димов, кој на сцената ќе настапи со пијанистката Маја Поповиќ-Караиванова, со својот колега и пријател, кларинетистот Стојан Димов, како и со млади музичари – студенти од неговата класа на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Програмата ќе опфати камерни дуо-изведби за саксофон и пијано, во кои ќе настапат Нинослав Димов и Григори Ангелов, со пијано придружба на Маја Поповиќ-Караиванова. Посебен сегмент ќе биде настапот на Стојан Димов со соло изведба на кларинет, додека саксофонскиот квартет ќе ја претстави заедничката музичка енергија и потенцијалот на младата генерација изведувачи.
Програмата опфаќа дела од R. Planel, P. Iturralde, J. Naulais и F. Decruck, преку кои ќе бидат претставени различни стилски и изразни можности на камерното музицирање.
Особено значајна димензија на концертот е вклучувањето на студентите од класата на Нинослав Димов, со што се воспоставува непосредна врска меѓу педагошката работа, уметничкото искуство и сценското претставување на младите музичари. На тој начин, концертот станува простор за уметничка размена и средба на различни генерации, во која искуството и младешката енергија се надополнуваат и создаваат заедничка музичка целина.