СВР-Битола: Се намалува бројот на извршени тешки кражби и разбојништва

SVR BITOLA
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во првите четири месеци од 2023 година, според извештаите и во евиденциите на СВР Битола, има намалување на извршените тешки кражби, тешки кражби во обид, кражби, кражби во обид, разбојништва во обид и разбојништвата.







Во изјава за медиумите, портпаролот Сања Стаматова, соопшти дека намалувањето на кривичните дела се однесува и за подрачјето на Битола, каде споредбено со минатата 2022 година се бележи драстичен пад во делот на извршените кражби, тешки кражби и разбојништва.

– Резултатот се должи на низата преземени мерки и активности од страна на полициски службеници од криминалистичката полиција, постојаното присуство на полициски службеници на терен, зачестените контроли на лица и возила, средбите со месните и урбани заедници, поголемата соработка со граѓаните, акциските контроли и јакнењето на довербата помеѓу полицијата и населението. Сето ова придонесува за намалување на бројката на извршени кривични дела, со тенденција намалувањето да продолжи и во наредниот период, посочи Стаматова.

Во СВР Битола во првите четири месеци евидентирани се вкупно 268 кривични дела тешки кражби, во споредба со 493 за истиот период минатата година, од кои 96 годинава се на подрачјето на Битола, а нивниот број лани изнесувал 280.

Во споредба со лани, годинава намалување бележи и бројот на тешки кражби во обид, така оваа 2023 година во евиденциите на СВР Битола заведени се вкупно 40 тешки кражби во обид од кои 12 на подрачјето на Битола, додека во истиот период минатата година, таа бројка била вкупно 113 извршени кривични дела тешка кражба во обид за цел сектор, а само во Битола 67 кривични дела тешка кражба во обид.

– Во делот на имотни деликти со елементи на насилство, разбојништвата се кривични дела кои според начинот и употребата на насилство при нивното извршување се едни од
најтешките во оваа област, оваа година бројот на разбојништвата на подрачјето на СВР Битола бележи намалување. Во овие четири месеци од 2023 година на подрачјето на Битола извршени се 5 разбојништва и сите се експресно расчистени при што се поднесени и кривични пријави, потврди Стаматова.

Криминалистичката полиција при СВР Битола до Основното јавно Обвинителство има поднесено 33 кривични пријави за извршена кражба, 69 кривични пријави за тешка кражба и 7 кривични пријави за разбојништво.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK