Народната банка со зајакнати статистички и аналитички капацитети


sredba-so-oddelot-za-statistika-na-mmf.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Народната банка постојано работи на унапредување на квалитетот, опфатот и навременоста на податоците, постигнувајќи висока усогласеност со меѓународните стандарди, беше истакнато на средбата на гувернерот Трајко Славески и делегацијата на Народната банка со претставниците на Одделот за статистика на Меѓународниот монетарен фонд, одржана на маргините на Годишните средби на ММФ и Светската банка што се одржаа во Бангкок.


На средбата се разговараше за соработката со ММФ во повеќе области којашто придонесува за високо ниво на зајакнати статистички и аналитички капацитети на Народната банка.

Во рамки на разговорите, посебен акцент беше ставен на резултатите од големата ревизија на статистиката на платниот биланс и финансиските сметки, спроведена во текот на 2026 година. Ревизијата придонесе да се унапредат методолошката основа, како и споредливоста и аналитичката вредност на податоците. Беше нагласено дека Народната банка остварува целосна усогласеност со барањата на највисокиот статистички стандард, стандардот СДДС плус, во однос на опфатот и навременоста на податоците. Воедно, беше посветено внимание на активностите за дигитализација на статистичкото известување, особено на развојот на статистичкиот склад на податоци за надворешната статистика, кој се спроведе со финансиска поддршка од Европската Унија. Како дополнителна потврда за постојаните напори за унапредување на квалитетот на статистичките податоци и услуги, беа споделени и резултатите од спроведените анкети, кои покажуваат високо ниво на задоволство кај корисниците и известувачите, со забележително подобрување во однос на претходните резултати, особено кај квалитетот и достапноста на статистичките податоци, како и комуникацијата и поддршката што ги обезбедува Народната банка.

Во однос на идните активности, посебен акцент се става на подготовките за примена на новите меѓународни статистички стандарди – СНА 2025 (SNA 2025) и БПМ7 (BPM7), со поддршка од меѓународните институции, особено од ММФ, и преку натамошно зајакнување на институционалните капацитети и меѓуинституционалната соработка.

Народната банка останува посветена на натамошното унапредување на статистичките податоци, нивната транспарентност и навременост, како и на целосно усогласување со меѓународните и европските стандарди.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK