(Фото) Британскиот новинар кој исчезна на островот Сими е пронајден мртов

Screenshot-2024-06-09-135005.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Презентерот и новинар од Би-би-си, Мајк Мосли е пронајден мртов утринава на грчкиот остров Сими.

Tелото било пронајдено во карпест предел на островот со помош на камери и дронови.

67-годишниот новинар исчезна во средата откако отишол на прошетка на една од плажите на островот, а според полициски извори, првично се верува дека починал по пад од карпи.

„Телото е пронајдено во близина на ограда. Не е помрднато од локацијата, а блиску до плажата имало деца кои си играле во морето“, пишува Би-би-си.

Телото го открил сопственик на бар кој неколку дена заедно со локалното население и новинари го барале исчезнатиот новинар.

Теренот се пребаруваше и со хеликоптери, а потрагата траеше пет дена во ек на екстремно високи температури.

Во потрагата беа вклучени пожарникари, кучиња, хеликоптери, дронови, локалното население, како и полицијата.

Градоначалникот на Сими, Лефтерис Папакалодукас, кој учествуваше во потрагата по новинарот, за телевизијата Опен рече дека Мосли најверојатно паднал и починал.

„Бев во чамецот со кој отидовме да ја најдеме пештерата за која рекоа дека е можно да отишол. Камерите снимаа и камерата на ЕРТ сними предмет, покрај оградата, на десет метри од плажата. Човекот е мртов. Како е можно? Стигнал до неговата дестинација и на десет метри од плажата на која има 200 луѓе никој не го видел. Паднал и загинал“, рече Папакалоудукас.

Мосли на островот бил на одмор заедно со неговата сопруга и пријатели.

Во средата заминале на плажа, по што новинарот одлучил да се врати сам, пеш, а не го носел мобилниот телефон.

Мосли е познат по серијата „Верувај ми, јас сум доктор“ и гостувањата во различни телевизиски емисии на BBC и ITV.

Студирал и дипломирал медицина, но во последните неколку децении работел како ТВ водител, документарец, новинар и писател.

Неговиот документарен филм „The Human Face“ ја освои престижната награда Еми.

За да го сними документарниот филм „Infected! Life with Parasites“ во 2014 година, Мосли се заразил со дигестивни паразити и живеел со нив шест недели.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK