Малата Данка Илиќ (2) исчезна пред десет дена. Потрагата по неа продолжува. Полицијата во Австрија соопшти дека детето на видеото од Виена не е исчезнатото девојче.
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека продолжуваат интензивните работи за пронаоѓање на исчезнатата Данка и за утврдување на сите околности и факти поврзани со нејзиното исчезнување. Велат дека на терен има повеќе полицајци кои ги испрашуваат и ги проверуваат сите информации.
Таткото на малата Данка, Милош, ги коментираше наводите дека жените кои се појавуваат на видеото од Виена се идентификувани. Тој рече дека не ги видел вестите и дека ги прифаќаат само информациите што ги добиваат од полицијата.
– Не ја видовме таа вест. Никој не не извести. Ние не ги следиме овие приказни од медиумите, комуницираме само со полицијата и тоа е единственото нешто што го прифаќаме како релевантно – изјави Милош Илиќ.
Романката од видеото од Виена рекла дека веднаш контактирала со полицијата, но дека ја испратиле дома.
-Добив неколку пораки дека на социјалните мрежи и на телевизиите во Србија и Романија се шири видео со мојот лик и дека ме бараат поради исчезнато дете. Во неделата веднаш отидов во полиција и побарав помош. Ме советуваа да контактирам со полицијата во Виена, а јас тоа го направив. Ситуацијата е алармантна бидејќи моето лице е во сите медиуми, не знаев што да правам, се исплашив – рекла младата жена.
– Во вторникот отидов во полиција во 21-виот реон, побарав да ми помогнат и да ме заштитат мене, моето дете и мајка ми, само ме испратија дома. Бев многу исплашенa, не знаев што да правам. Се плашев дека ќе останам без работа – изјавила жената за „Космо“.