Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Западен Балкан и “Пријателите на Западен Балкан”, што се одржа во Рим, на иницијатива на министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани.
Во обраќањето на сесијата “Заедничка работа за забрзување на евроинтегративниот процес на Западен Балкан”, Османи нагласи дека поставувањето на јасна визија за идното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е од значаен економски и безбедносен интерес и за регионот и за Унијата.
Во таа смисла, се осврна на концептот “Повеќе интеграција пред полноправно членство”, нагласувајќи дека истиот е комплементарен со Планот за раст за Западен Балкан, при што, покрај подобрувањето на демократските процеси, економската и безбедносна состојба на земјите од Западен Балкан, би придонел и за значително унапредување на отпорноста и зајакнување на заедничкиот одговор кон споделените предизвици.
Заблагодарувајќи се за иницијативата на италијанските домаќини и поддршката на земјите пријатели на регионот, Османи апелираше дека во дадениот геостратешки и регионален контекст потребата од стратешко размислување и делување е поголема од било кога претходно.
„Потребно е сите заедно да ги удвоиме нашите напори за искористиување на полниот потенцијал на она што во моментов го имаме на располагање, но и да ја задржиме амбицијата за дополнително унапредување и забрзување на интеграцијата на среден рок. Тоа ќе вбризга свеж ентузијазам за земјите и граѓаните во регионот и ќе го подобри кредибилитетот на пристапниот процес“, рече тој.