Проф. Цицонков: Климатските промени убиваат луѓе иако нема воено оружје

risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На 30 ноември 2023 година во Дубаи (ОАЕ) почна годишната конференција за климатски промени наречена COP (Conference of Parties). Оваа конференција е 28-ма по ред во рамките на Обединетите Нации (ОН) и нејзината конвенција наречена United Nations Framework Convention on Climate Change (UNFCCC).

Не се сите задоволни што COP28 се одржува во ОАЕ, држава која е на седмото место во светот по производството на нафта, а на десетто место по производството на природен гас. Со конференцијата претседава султанот Ал-Џабер, кој истовремено е и шеф на “Adnoc“, најголемата нафтена компанија во ОАЕ. Очигледно е дека постои противречност, но тоа е богата земја и има услови добро да ги пречека и угости учесниците.


Беше предвидено е да има околу 70.000 учесници од 197 земји плус ЕУ, но на првиот ден беше објавено за 103.000 регистрирани учесници. Како и на минатите, и на оваа конференција ќе дојдат претседатели и премиери на држави, министри, национални преговарачи, претставници на меѓународни организации, од граѓански здруженија, од компании и др. И минатите СОР конференции беа масовни, а некои ги истакнуваа како (многу) успешни. А какви се резултатите денес? Одговорот може да се опише со еден збор: КАТАСТРОФА.

Климатските промени постојано се интензивираат, а како последици се јавуваат се’ поголеми катастрофи: поплави, силни урагани, толински бранови со многу високи температури, шумски пожари, суши, штети во земјоделаството, на растителниот и животински свет, но најболно е дејството врз животот и здравјето на луѓето.

Илјадници луѓе ги загубија животите од временските катастрофи, тие беа убиени од климатските промени. Станува збор за илјадници жртви, а ако се соберат заедно од минатите години, бројот е повеќе милиони жртви. Тие не беа убиени со воено оружје, туку на перфиден начин како последица од борбата за профит. Тука е клучот на проблемот со климатските промени: борбата за профит. Денес скоро во цел свет има капиталистичко уредување кое се заснова на пазарна економија во која што главна цел е остварување профит. Цените на горивата (нафтата и гасот) се релативно високи, не затоа што имаат високи трошоци на производство, туку се користат стекнатите позиции заради големата побарувачка. А во случаите на појава на некоја политичка или воена криза, цените на горивата стануваат уште повисоки.

И информирајте се кои земји се најголеми производители и кои компании се најголемите рафинерии и трговци со нафта и гас (фосилни горива). Кај компаниите кои експлоатираат и тргуваат со нафта и гас доминираат оние од развиените земји. А знаете ли кој е најголем производител на нафта и гас во светот? Не е Русија, не е ниту Саудиска Арабија. Тоа се САД кои избија на чело по воведувањето на технологијата на вадење нафта и гас од шкрилци некаде од 2010 година. Наместо да го намалуваат производството на фосилни горива, тие драстично го зголемуваат.

Решавањето на проблемите со климатските промени зависи најмногу од производителите на фосилните горива, бидејќи емисиите на СО2 се создаваат од нивното согорување. Во врска со трговијата со фосилни горива има разни даноци, акцизи и други давачки што одат директно во буџетот на државите. Затоа, тие држави нема така лесно да се откажат од тие приходи иако во јавноста изјавуваат дека се борат за намалување на климатските промени. Политичарите често даваат изјави дека се залагаат за инвестиции во обновливи извори на енергија (ОИЕ), но кај најголемиот дел од нив тоа е ставање шминка во секторот енергија. Парите и лобирањето се исто така атрибути на пазарната економија. Тие креираат погрешна перцепција кај населението. Еве еден типичен пример за Република Македонија. Во јавноста е креирана перцепција дека природниот гас е еколошко гориво, а тоа не е точно.

Уште пред неколку децении научниците беа јасни со своите предупредувања за климатските промени, тие исто така беа јасни и за решенијата: Транзицијата кон ОИЕ мора да има приоритет за да се минимизира количеството на стакленички гасови исфрлени во атмосферата. Плус, ако сакаме да имаме шанса да создадеме иднина за живеење на нашата планета, не може да има нов развој на проекти за фосилни горива. Токму ова политичарите не сакаат да го слушнат. Додека тие ги прифаќаат и ги прошируваат обновливите извори на енергија, многу влади, вклучително и САД, Обединетото Кралство и некои ЕУ земји продолжуваат со давање зелено светло за нови полиња за гас и нафта.

Мал е бројот на земјите кои навистина ја намалуваат потрошувачката на фосилни горива и имаат значителни инвестиции во ОИЕ. Тоа се сигурно некои богати земји кои имаат голем економски потенцијал. Има разни организации и граѓански здруженија кои се борат против климатските промени, но нивното делување не е така моќно за да има забележителни резултати.

Светската Метеоролошка Организација (WMO) истакна дека е практично сигурно дека 2023 година ќе биде најтоплата година досега и, во 2022 година, атмосферските концентрации на стакленички гасови за прв пат достигнаа зголемување од 50% над прединдустриските нивоа (од 1850 г. наваму).

А последниве 30 години се одржани 27 годишни конференции (СОР), во тек е СОР28.

Секое мое пишување за климатските промени ќе го завршувам со следнава изјава:

Сè додека пазарната економија, односно профитот има приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK