Израелската војска објави серија фотографии на кои наводно се гледаат бројни локации за лансирање ракети на Хамас лоцирани во близина на цивилната инфраструктура во Појасот Газа.
„Хамас директно им се заканува на жителите на Газа, Израелците и меѓународната заедница“, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ), споделувајќи фотографии на социјалната платформа Х.
Според Израелците, црвените рамки на фотографиите означуваат места каде Хамас има стационирано оружје, додека белите рамки покажуваат цивилна инфраструктура, вклучувајќи градинка, зграда на ОН, училишта и џамија. Скај њуз нагласува дека фотографиите не се независно потврдени.
Израел постојано ја обвинуваше исламистичката организација Хамас дека го злоупотребува сопственото население како жив штит. Инаку, израелската армија пред повеќе од една недела ги повика цивилите на северот на Газа да се движат кон јужниот дел на областа.
Луѓето кои се грижат за безбедноста на своите семејства треба да се упатат кон југ, се вели во соопштението на израелските вооружени сили. Израел, исто така, користеше летоци за да ги пренесе повиците за евакуација до жителите на Газа. Имаше информации и дека Хамас ги спречува цивилите да бегаат.