Проектот „Жените пчелари како двигатели на позитивни промени во Северна Македонија“, денеска беше промовиран во Занаетчискиот дом Куманово. Проектот има за цел да ги зајакне пчеларските семејства во областа на органското пчеларство со акцент на вклученоста на жените и младите од руралните средини, а го спроведува АДРА Словенија со локалниот партнер АДРА Македонија, поддржан од Министерството за надворешни работи на Словенија.
-Во рамките на нашиот проект ќе бидат ангажирани врвни стручњаци од областа на пчеларството, претприемништвото од Словенија, но и од нашава земја. Заедно со тимот на професорот д-р Александар Узунов од Факултетот за земјоделство и храна и ќе се обидеме за прв пат на Западен Балкан да направиме еден медоносен научен парк кој ќе служи во промоција на пчеларството во Македонија и кон кој сите заинтересирани ќе можат да пристапат. Се планира на крајот од проектот во 2025 година да биде направен и користен од страна на научниците кои ќе се занимаваат со оваа област. Не само обуки, преку иновативноста на овој проект, ќе добијат сите они кои имаат желба да се занимаваат со пчеларството, изјави Дејан Антиќ, проект координатор на АДРА во земјава.
Како што појасни Антиќ, 50 жени пчелари и нивните семејства ќе добијат целосна опрема, кошници, пчелни семејства, опрема за заштита. Овој проект ќе биде на регионално ниво во Североисточниот и Вардарскиот регион.
– Морам да напоменам, не може да се каже дека Македонија стои релативно добро во пчеларството, ние првин немаме закон за пчеларство, ќе се обидеме со сите други чинители да помогнеме да се регулира оваа област заедно со експертите од оваа област и со 50 млади жени ако успееме и нивните семејства повторно да се вратат на исконските патеки во развојот на природно пчеларство во нашата земја, изјави Антиќ.
Преку проектот ќе се формира медоносен научен пчелен парк за првпат од таков тип на Западен Балкан за едукативни цели и промоција на женското претприемништво во областа на органското пчеларство.
– АДРА Словенија верува во партнерства при остварување на целите и горди сме што соработуваме со Министерството за надворешни работи и со приватниот сектор. Имаме претставници од пчеларството кои ни помагаат со експертиза и знаења и драго ни е што работиме со АДРА Македонија, бидејќи имаат искуство во оваа област. Целта на проектот е локална поддршка на жените и младите пчелари, долгорочно е руралните средини да не се напуштаат, туку да се развиваат, изјави Катја Котник од АДРА Словенија.
Таа кажа дека во Словенија имаат одлично развиено органско, природно пчеларство и дека еден од фокусите на проектот е да се промовира природното пчеларство.
– Европа вложува во земјоделството и пчеларството, фокусот е да станат самоодржливи и да се заштити околината. Во однос на органското пчеларство, има неколку разлики, пристапот е поприроден, околината каде се врши пашата мора да биде природна. Целта на проектот е локална поддршка на жените и младите пчелари, долгорочно е руралните средини да не се напуштаат, да се развиваат руралните средини, изјави Котник.
Пчеларката Марија Станиќ која добила поддршка и чиј пчеларник е меѓу пелагонискиот и мариовскиот регион кажа дека од обуката се информирала за органското одгледување. Таа има 15 пчелни семејства и го вклучила целото семејство во пчеларството.
– Обуката што ја добив е за органско одгледување на пчели, не се користат хемиски туку органски средства за третирање на болестите и одгледување на пчелите. Околината каде што се моите пчели е претежно ливади, ридско рамничарски дел, има многу ливади, насади со багрем. Имав голема љубов за одгледување на пчелите ми се укажа можноста преку проектот да почнам со одгледување на пчелите и секако обуката беше тоа што ми недостасуваше, кажа Станиќ.
На настанот присуствуваа претставници од локалните власти, пчелари, граѓани заинтересирани за пчеларство.