Свештената бигорска обител информираше дека на денот кога Православната црква го слави споменот на Светите рамноапостолни сесловенски просветители, духовните наши родоначалници, солунските браќа Кирил и Методиј, утре, на 24 мај, со почетокот во 9 часот, ќе се отслужи Света архијерејска литургија во бигорскиот скит посветен на солунските браќа во селото Битуше.
Со Светата архијерејска литургија ќе чиноначалствува неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со архимандритите и јеромонасите од бигорската обител.
– Во храмот, кој сè уште се наоѓа во фаза на изградба и оваа година молитвено ќе се собереме, за да испросиме од Бога и од светите браќа благослов и поскоро завршување на нивниот нов дом. На Светата литургија ќе присуствуваат сите монашки заедници под духовно раководство на нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј, односно братството на Бигорскиот манастир и сестринствата од Рајчица, Пречиста и Кнежино, стои во објавата на сајтот на манастирот.
Скитот посветен на светите рамноапостоли сесловенски првоучители и покрстители, солунските браќа Кирил и Методиј се наоѓа на висорамнината под планината Крчин, над долнореканското живописно село Битуше, општина Маврово и Ростуше.
Темелите беа осветени и поставени на 31 мај 2014 година, а првата литургија беше одржана на 24 мај 2017 година.
Иницијативата за градење и идејното решение беа на владиката Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, кој има голема љубов и почит кон светите браќата Кирил и Методиј.