Зошто студијата во МРТВ се идеален простор за функционирање на Националниот џез оркестар?

mrtv
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Вработените во Македонската филхармонија најавија дека секојдневно ќе протестираат пред Министерството за култура, по неодамнешната одлука новоформираниот Национален џез-оркестар да биде сместен и институционално да функционира во зградата на Филхармонија.

Тие сметаат дека владината одлука ќе резултира со „повеќе штета отколку полза“ за двете институции и се убедени и дека „два оркестра не можат да функционираат под еден покрив“, како и дека „никаде во светот не се сместени заедно филхармониски и џез-оркестар“.


Во прилог на тврдењата на филхармоничарите одат и примерите од соседните држави, каде џез оркестрите традиционално се сместени и музицираат во студијата на државните радија и телевизии, и не постои случај како институција да се „вгнездени“ во филхармониски објект.

На пример, единствениот професионален џез ансамбл во Србија е Биг Бенд оркестарот, кој е сместен во студијата на Радио Телевизија Србија, а сличен е примерот во Хрватска, каде Џез оркестарот на ХРТ (некогашен Биг Бенд на Хрватската радио телевизија) функционира во рамките на студијата на националниот ТВ и радио сервис. Ист е случајот и со Бугарија, каде џез оркестарот работи во рамките на националното радио. Ова е пракса и во европски и светски рамки, каде речиси и да не постои ваков преседан, национална установа Џез оркестар институционално да дејствува под покривот на Филхармонија и да ја извршува дејноста со паралелно со филхармониската институција.
Според голем број композитори, музиколози и поранешни раководители на Филхармонија, студијата во Македонската радиотелевизија се идеален простор каде би требало да биде „вдомен“ џез оркестарот како национална установа, а за условите и квалитетот на звукот најдобро говори и податокот дека еден од најголемите македонски пијанисти и уметник со светско реноме, Симон Трпчески своето ново цд го сними токму во студиото М1 во МТВ. Покрај тоа, реномираниот симфониски оркестар за филмска музика, „Фејмс“ до пред некоја година беше сместен и функционираше во просториите на Македонското радио и телевизија, а во тој период беа реализирани фантастични музички проекти за композитори и продуценти од целиот свет.
Со ваков предлог, неодамна се огласи и познатиот македонски композитор, Љупчо Мирковски. „Ако мене некој ме праша, Биг Бендот на Здружението на џез музичари би требало да се смести во студиото М2 во МРТ, а не во Филхармонија. Овој новоформиран национален џез оркестар таму и припаѓа, кога веќе се наоѓа под државна капа“, дециден е Мирковски.

Слично мислење изнесе и прославениот македонски композитор, пејач, аранжер и музички продуцент, Славе Димитров. „Како бивш продуцент на Танцовиот оркестар (Биг бенд) на МРТ целосно го поддржувам предлогот џез оркестарот да се смести во студијата на Македонската радио и телевизија. На тој начин, ќе се исправи големата грешка со растурањето на неговите ансамбли, а со тоа ќе се оправдаат огромните вложени средства на државата во изградба на музичките студија, кои во моментов стојат неискористени, а програмите на МРТ ќе можат да ги користат за своите програмски проекти. Ги повикувам Костов, Пејовски, Глишиќ, Лимо и останатите колеги од фелата да се пруклучат кон овој предлог“, апелира Димитров.

Поранешниот професор на факултетот за музичка уметност во Скопје, композиторот и аранжер Живоин Глишиќ се согласува со своите колеги. „Апсолутно ја поддржувам идејата новоформираниот џез-оркестар да се смести во студијата на МРТ, кои се баш наменети и прилагодени за ваков тип на музика и во кои долги години свиреше Биг бендот. Овие студија нудат најдобри акустични решенија за изведување на џез музика и со одредени вложувања во техника и мали дотерувања, би биле идеален простор за функционирање на новата национална установа. Зградата на Филхармонија иако е голема и има неколку големи сали, воопшто не одговара за ваков тип оркестар и џез музика, бидејќи акустично е проектирана и адаптирана за изведување на класична музика“, истакнува Глишиќ.

Музикологот Марко Коловски е зачуден зошто никој од надлежните не ги споменува студијата на МРТ (М1 до М5) кои беа и се уште се едни од најквалитетните на балканските простори и кои се проектирани и направени наменски токму за вакви ансамбли (М2 токму за Биг бенд).

„Најлогично решение за функционирање на џез оркестарот се студијата на МРТ, кои не се наменети, ниту можат да се пренаменат за ништо друго и чија што вредност се мери со милиони евра. За нив има и технички решенија да се обезбеди автономен пристап доколку е неопходно. Зошто непотребно ‘се забива клин‘ во Филхармонија, која е еден од столбовите на македонската музичка култура? Зошто една репрезентативна сала која што треба да има прецизно дефиниран титулар со прецизно дефинирани надлежности и одговорности во однос на нејзиното функционирање и одржување, која што ја добивме по децении донкихотовски битки, сакаме да ја ставиме во статус ‘сечија и ничија’“, потенцира Коловски.

Поранешната директорка на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ се прашува што е тоа што го има само во зградата на Филхармонија, па џезерите да не можат да работат во друг објект.

„Ќе се воздржам од тоа да нудам решенија каде новата национална установа би делувала, бидејќи се чини дека секоја добронамерна мисла од наша страна е непријателски протолкувана од колегите џезери. Иако, читајќи го интервјуто на Симон Трпчески, кој своето ново цд го сними во студиото М1 во МТВ, се прашувам: дали она што е добро за еден уметник од таков ранг кој настапува во најпрестижните концертни сали во светот, и дали истиот тој простор не е доволно добар за македонските џез музичари, барем во овој преоден период за нивно времено сместување. Што е она што е толку атрактивно и неизбежно за нив, а го има само и исклучиво во објектот на Филхармонија?“, посочува Чанаќевиќ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK