Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска им додели стипендии на осум ученици од социјално загрозени семејства од општинските основни училишта.
На средбата во кабинетот, Герасимовски со децата разговараше за училиштето, предметите што ги сакаат и нивните желби и интереси.
Стипендиите годинава изнесуваат по 4.500 денари месечно и ќе се исплаќаат осум месеци, од октомври 2026 до мај 2027 година.
„Кога ги гледам овие деца, гледам талент, желба и храброст, кои не зависат од околностите во кои растат. Наша обврска е да им дадеме поддршка и да им покажеме дека не се сами. Овие стипендии се помош за нивните училишни потреби, но и поттик да веруваат во себе. Секое дете заслужува можност да напредува и да го оствари својот потенцијал“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој им посака на учениците многу успеси и одлични оценки, охрабрувајќи ги да останат љубопитни, трудољубиви и упорни во учењето.
Општина Центар стипендиите ги доделува секоја година, по една за ученик од секое од осумте општински основни училишта, со цел да им помогне на децата од семејства во социјален ризик и да обезбеди подобри услови за образование.
За оваа намена, од Буџетот на Општина Центар за тековната учебна година се обезбедени вкупно 330.000 денари, соопшти Општината.