Децата од предучилишна возраст и годинава ќе добиваат овошје од домашно производство

gradinka
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Децата од предучилишните установи ќе добиваат свежи сезонски овошја од домашно производство како кајсии, праски, сливи, круши и јаболки во текот на пет месеци, односно секое дете треба да добие по еден килограм овошје неделно. Министрите за труд и социјална политика и за земјоделство, Јованка Тренчевска и Љупчо Николовски денеска го најавија почетокот на програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје за 2023 година што ги вклучува сите градинки во државата и предвидува свежо сезонско овошје секој ден, за секое дете.







Со оваа програма на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе бидат опфатени 38.000 деца од сите градинки во државата.

– Во соработка со компанијата Ново Нордиск и УНИЦЕФ и учество на претставници од релевантни институции, направивме измени во Правилникот за стандарди и нормативи за исхрана во градинките кои предвидуваат зголемен внес на свежо овошје и зеленчук. Потоа, месечната листа на јадење да биде секој ден различна, бидејќи нашето поднебје располага со богат избор на овошје и зеленчук, за подготовка на оброците во детските градинки, изјави министерката Тренчевска при посетата на градинката „13 Ноември“.

Следна активност, како што посочи Тренчевска, е едукација за грижа и превенција на здравјето во детските градинки и во семејни услови преку соодветна и правилна исхрана. Со оваа едукација ќе бидат опфатени сите стручни профили – вработени во детските градинки, децата и родителите.

– Како Влада и ресорно Министерство продолжуваме да вложуваме во правилниот раст и развој на децата и остануваме отворени за разни иницијативи, што ќе бидат во насока на унапредување на квалитетот на живот на нашите најмлади граѓани -децата, кои се иднината на нашата држава, нагласи министерката.

Таа подвлече дека здравата исхрана на децата од најмала возраст, е од особено значење за нивниот правилен психо – физички раст и развој.

– Верувам дека сите ја знаеме поговорката дека храната може да биде лек, но може да биде и болест. Јас само ќе додадам дека „храната треба да биде лек, а лекот треба да е храна“, за да имаме здрави и среќни генерации, рече Тренчевска.

Министерот за земјоделство информираше дека на вчерашната седница на Владата била усвоена Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје за 2023 година.

– Оваа програма е продолжение на она што го започнавме минатата година, но сега со двојно поголем буџет. За оваа година, издвоивме 40 милиони денари со кои ќе се откупат 880.000 килограми овошје од прва класа и тоа најмалку 90.000 килограми кајсии, 175.500 килограми праски, 168.000 килограми сливи, 74.000 килограми круши, 370.000 килограми јаболки. Секое дете, еднаш неделно ќе добие по еден килограм свежо сезонско овошје. Тоа е целта, децата да јадат свежо овошје кое е соодветно на сезоната во која се произведува, изјави Николовски.

Следниот чекор е да се објави јавна набавка што ќе ја реализира Платежната агенција, при што едно од барањата ќе биде овошјето да се дава на градинките спакувано во мрежички.

Со цел овошјето да биде навистина свежо, предвидено е да се доставува до градинките еднаш неделно, во текот на следните месеци, заклучно со декември.

– Минатата година беа откупени околу 750.000 килограми наши домашни јаболка и беа дистрибуирани до 350 основни училишта, односно до сите 186.000 ученици. Тогаш рековме дека овој проект сакаме да го развиваме, да прерасне во редовна пракса, со која ќе обезбедиме здрава ужинка за секое дете и ќе го поттикнеме откупот на домашните производи. Ова беше прифатено со голема радост од страна на децата од основните училишта и сведочевме на многу позитивни реакции од родителите. И токму тоа беше нашиот најголем мотив, оваа година да ја зголемиме поддршката за двојно повеќе и да ја прошириме програмата со нови сезонски овошки. Оваа програма ќе продолжи и наредните години, а придобивките од воспоставувањето на ваква пракса ќе бидат многу поголеми од она што во моментов го гледаме, рече Николовски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK