В петок дигитален саем за уписи во средно стручно образование

upisi
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дигитален саем за уписи во стручно образование во организација на Стопанската комора на Северна Македонија в петок во 11 часот ќе следат деветтооделенците во сите основни училишта во земјава. Саемот е алатка за промоција на стручното образование и поддршка на компаниите и стручните училишта во напорот да го привлечат вниманието на младите за запишување во средното стручно образование.







Целта на саемот е да ги информира деветооделениците и нивните родители за различните видови на квалификации и занимања кои се нудат, како и за можностите што ги нудат средните стручни училишта и компаниите во земјава вклучени во образовниот процес.

-На саемот преку неколку различни форми, панели, илустративни примери и видео презентации ќе бидат претставени 15 видови на квалификации и повеќе занимања кои се исклучително барани на пазарот на трудот. Ученици средношколци ќе говорат зошто се запишале во соодветната квалификација или профил, што изучуваат и како ја реализираат практичната настава, а претставници на компаниите ќе ги објаснуваат работните задачи на занимањето. Директорите на средните училишта ќе ги претстават условите во стручните училишта, а завршени ученици од средното стручно образование, сега вработени, ќе ги раскажуваат своите успешни приказни, рече Наташа Јаневска од Стопанската комора на Северна Македонија на денешната прес-конференција.

Таа нагласи дека во 2019 година од вкупно запишаните ученици во средното образование, 64 отсто биле запишани во средно стручно образование, а годинава се запишале 69 отсто. Таргет на Комората, како што кажа, е 70 отсто од учениците да се запишуваат во средно стручно училиште.

Директорот на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари истакна дека како образовна институција имаат многу добра соработка со Комората и додаде дека на тоа се должи зголемениот интерес за запишување во средното стручно образование кое продуцира кадри согласно потребите на пазарот на трудот.

-Ако во учебната 202/21 година 10.691 ученик беа запишани во средно стручно образование во учебната 2022/23 година нивниот број е 11.446 што претставува зголемување од пет отсто. Голем интерес во последно време има за дуалните паралелки, бидејќи компаниите заедно со локалните самоуправи и образовните институции почнаа да се интересираат за овој вид на образование кој им продуцира готови кадри, рече Мифтари.

Во учебната 2020/21 година, како што рече, во дуалното образование имало само 11 паралелки со 98 ученици, во 2021/22 имало 97 паралелки со 1.486 ученици, а во учебната 2022/23 година имало 225 дуални паралелки со 2.763 ученици. Во 2020/21 година дуални паралелки имало во осум средни стручни училишта, а во 2022/23 година во 61 од вкупно 75-те стручни училишта во земјава. Во 2020/21 година во дуалните паралелки се изучувале само две струки, а во 2022/23 година дури 14 струки. На почетокот само 11 компании биле вклучени во дуалното образование, сега нивниот број е 500, а бројот на ментори е зголемен од 400 на 900.

-Најголем интерес има за струките здравство и социјална заштита, потоа за економија, право и трговија и на трето место е за електротехника. Најмал интерес има струката геологија, рударство и металургија, потоа за графичката струка и за шумарство и доработка на дрво. Наша цел е средношколците да ги образуваме и да останат дома, прецизира Мифтари.

Јаневска посочи дека сега има автоматизирани машини и за струките за кои нема доволен интерес бидејќи во минатото претежно се работеле рачно и додаде дека токму на саемот преку видео презентација на дветтооделенците ќе им бидат презентирани и авотматизираните машини.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK