Земјотрес со јачина од 5,4 степени е регистриран на југоистокот на Турција, во област која беше погодена од разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала во 2023 година.
Турската агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD) соопшти дека земјотресот, со епицентар во округот Каракопру во регионот Шанлиурфа, имал јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала и бил регистриран во 10:40 часот по локално време.
Земјотресот бил почувствуван во Шанлиурфа и во Адијаман, Газиантеп, Дијарбакир, Елазиг и многу околни провинции, објави „En son Haber“.
Земјотресот предизвикал краткотрајна паника во Шанлиурфа, а како што објави gazeteipekyol.com, по земјотресот, некои граѓани ги напуштиле своите домови и работни места и излегле на улиците како мерка на претпазливост.
На 6 февруари 2023 година, катастрофален земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала ги погоди југоисточна Турција и северна Сирија, предизвикувајќи катастрофална штета и загуба на повеќе од 53.000 човечки животи. Главниот земјотрес беше со јачина од 7,8 степени, по што следеа низа катастрофални потреси, вклучувајќи уште еден моќен земјотрес со јачина од 7,5 степени истиот ден.