Филипче и СДС не беа вака гласни кога од Венецуела се слеваа 110 милиони евра во Еуростандард, обвини Бране Петрушевски, заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека денес не бираат средства со кои ја напаѓаат Владата, во 2019 година, во времето на Заев и Филипче од Венецуела во Македонија беа слеани 110 милиони евра во струмички фирми блиски до Заеви. Да потсетиме, тогаш Венецуела беше под меѓународни санкции, но тоа за Владата на Заев и Филипче не беше важно. Истражувачки новинари, тогаш открија дека тие 110 милиони евра биле првата транша од планирате дури милијарда и 600 милиони евра“, рече тој.
Петрушевски додаде дека парите биле префрлани преку нерезидентни сметки на фиктивно отворени фирми во Скопје, чии вистински сопственици биле латиноамерикански државјани, а дел од парите оделе и преку руски банки.
„Каде има криминал, корупција и уништување, таму се Филипче и Заев. Затоа денес се гласни, затоа што имаат за цел да уништат банка, да шират паника дека ќе им пропаднат парите на клиентите, и да дојде бизнисмен близок до Заев да ја преземе банката. Тие гледаат само корист. Додека е Мицкоски претседател на Владата, банка нема да пропадне, а граѓаните ќе бидат заштитени“, рече Петрушевски.