Најмалку 12 луѓе загинаа, а уште 47 се повредени откако автобус со полска регистрација се преврте во Унгарија, на околу 140 километри од главниот град Будимпешта.
Несреќата се случила околу 1:00 часот по локално време (2:00 часот по македонско време) ноќеска.
Службите за итна помош во Унгарија соопштија дека десетмина од патниците во автобусот добиле тешки повреди, а 37 лица се полесно повредени, посочува ДПА.
Во изјава за јавноста, унгарската полиција соопшти дека веројатно возачот заспал и го предизвикал инцидентот. Возачот на автобусот е приведен.
Автобусот излетал од коловозот и паднал во канал, по што се превртил. Тешката сообраќајна несреќа се случила кај градот Мезекерестеш во источна Унгарија, соопшти полицијата. Автобусот се движел по автопатот М3 кон градот Ниреѓхаза во североисточна Унгарија кога се случила несреќата. Во возилото имало 57 патници и двајца возачи.
„Автобус со полска регистрација, кој патувал по автопатот М3 кон Ниреѓхаза, се отклонил од патот, паднал во канал и се превртил“, соопшти унгарската полиција на својата веб-страница. Полицијата додаде дека на местото на несреќата го привела возачот на автобусот.
Повредените патници од автобусот се пренесени во болница.