(Видео) Какви беа последните денови на папата Франциско: „Изгледаше како да се збогува“


papa4.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во понеделникот точно напладне црковните ѕвона ширум Италија одекнаа во жалост. Почина папата Франциско. Не поминаа ни 24 часа откако папата ненадејно се појави на балконот со поглед на плоштадот Свети Петар, каде благослови 35.000 верници собрани на велигденските прослави во Ватикан.


И покрај советот на лекарите дека по 38 дена во болница за билатерална пневмонија, тој треба да помине најмалку два месеци во опоравување, папата дишеше самостојно, без помош на кислород. Како и во текот на неговиот понтификат, Франциско не мируваше во последните недели од својот живот – тој продолжи да прима посетители и да се среќава со луѓе од секакво потекло.

Кога се појави пред верниците во неделата на Велигден, плоштадот Свети Петар најпрво избувна во воодушевување, за потоа да сите да замолкнат. „Драги браќа и сестри, ви посакувам среќен Велигден“, рече папата со тежок, уморен глас. Ова беа неговите последни зборови во јавноста, пишува Би-би-си.

Имавме чувство дека го гледаме за последен пат“, изјави Мауро, жител на Рим кој го помина Велигден на плоштадот Свети Петар, а потоа се врати да му оддаде почит. „Обично се слушаат извици – Да живее папата! но овој пат беше многу потивко, како секој инстинктивно да покажува почит кон неговото страдање“.

„Не благослови, но неговиот глас беше слаб“, изјави Алберто за Би-би-си. „Изгледаше како да се простува со тој благослов“.

Лекарите во болницата Гемели му препорачаа целосен одмор, но папата, познат по својата блискост со народот, имаше тешкотии да прифати мирен живот далеку од народот. Веднаш откако лекарите му објаснија дека неговата состојба нема брзо да се стабилизира, Франциско јасно стави до знаење дека сака да биде во Ватикан за Велигден.

За христијаните Велигден има посебно значење бидејќи го симболизира воскресението Христово, основен настан на верата. Пред да биде отпуштен од болницата на 23 март, папата им мавна на насобраните верници од прозорецот на болницата, а потоа се врати во својот дом во Домот Света Марта, скромна резиденција што тој ја избра наместо луксузните папски станови.

Лекарите веруваа дека таму полесно и безбедно ќе закрепне, далеку од ризикот од болнички инфекции. Како што се приближуваше Велигден, папата сè повеќе ги зголемуваше своите активности. Во домот Света Марта ги прими кралот Чарлс и кралицата Камила, а четири дена подоцна, на Цветници, спротивно на препораките на лекарите се појави на балконот пред 20.000 собрани верници.

Но, за Франциско, Велигден беше најважниот празник.

Минатиот четврток, како и претходно, папата го посети затворот Регина Коели во Рим. Иако поради здравствената состојба не можеше да им ги измие нозете на затворениците, што го правеше во претходните години по примерот на Христос, половина час се сретна со притворениците кои го поздравија со аплауз. „Не можам да го направам тоа оваа година, но сакам да бидам блиску до вас“, рече папата со слаб глас.

„Навистина имаме среќа. Надворешниот свет не може да го види тоа, но ние можеме“, изјави еден од затворениците за новинарите. Додека го напушташе затворот, новинарите го прашаа како ќе го прослави Велигден оваа година. „Како што можам најдобро“, одговори тој.

И го исполни ветувањето.

На Велигден, тој ги прими американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, а потоа се појави пред толпата на плоштадот Свети Петар и го предаде својот последен благослов Urbi et Orbi.

Неочекувано, папата потоа се спушти на плоштадот и возеше меѓу верниците во папамобилот, делејќи благослов на толпата, кревајќи ја раката и благословувајќи ги децата кои верниците му ги доближиле. Тоа беше последен пат кога луѓето го видоа жив.

„Не бев среќен кога го гледав. Можеше да се види дека страда“, рече Алберто. „Но, ми беше чест да го видам последен пат“. Папата Франциско почина рано наутро во понеделникот во својот дом, едноставна резиденција управувана од калуѓерки каде што живеел меѓу обичните луѓе во текот на неговиот понтификат.

Два и пол часа по неговата смрт, камерленгото официјално ја објави веста. Ватикан подоцна потврди дека папата починал од последиците од мозочен удар и неповратна срцева слабост.

Франциско никогаш не сакал да живее во луксузот на традиционалните папски станови. Од самиот почеток рече дека сака да биде меѓу луѓето. „Ако живеев сам, во изолација, тоа немаше да ми донесе ништо“, рече тогаш.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK