Нови судири меѓу демонстрантите и полицијата избувнаа денеска во Тирана, каде што група млади лица со качулки запалија канти за отпад и фрлаа камења кон полициските службеници пред Министерството за образование. Протестот е организиран од студенти кои бараат оставка од премиерот Еди Рама, јавува Франс прес.
Протестот започнал мирно, со собир на неколку стотици граѓани пред Министерството за образование. Демонстрантите извикувале „Рама, поднеси оставка!“ и „Нема Албанија без млади!“.
Подоцна, неколку десетици лица со качулки запалиле канти за отпад, а потоа почнале да вадат камења од тротоарот и да ги фрлаат кон полицијата.
Во близина на Министерството биле распоредени голем број припадници на специјалните полициски единици, а на местото бил присутен и воден топ.
Протестите против владата на Албанија траат со месеци, а започнаа во мај поради спорен проект за изградба на туристички објекти на албанското крајбрежје, од кој корист би имал соработник на американскиот претседател Доналд Трамп. Незадоволството подоцна се прошири и поради обвинувањата за корупција, состојбите во здравствениот систем и недостигот од можности за младите.
Од средината на октомври протестите станале сè понасилни. Биле запалени или оштетени повеќе јавни објекти, меѓу кои министерства и судници, како и бројни продавници.
Албанскиот министер за внатрешни работи Ервин Демо вчера соопшти дека од почетокот на насилните судири биле повредени речиси 350 лица, меѓу кои околу 200 полицајци, 100 демонстранти и 40 минувачи. Според него, досега биле уапсени 269 малолетници.
Албанската влада во средата најавила построги казни за насилството за време на протестите, вклучително и парични казни што може да достигнат 5.500 евра.
🚨 Tensions flare again at protests in Albania, where citizens’ primary demand is the removal of both PM Rama and opposition leader Berisha. https://t.co/zGg6ezczwF
— Tirana Report (@Tirana_Report) October 31, 2026