Американскиот државен секретар Марко Рубио оцени дека засега нема потреба од нова воена акција на САД против Иран, бидејќи економските последици што Вашингтон ѝ ги наметнал на земјата веќе се доволно сериозни за значително да ја ослабат иранската власт.
Рубио, говорејќи пред Федералистичкото друштво, ја поддржа претходната оценка на американскиот претседател Доналд Трамп дека војната, од воен аспект, практично е завршена, пренесе АП.
„Искрено, економскиот удар што моментално му го нанесуваме на тој режим е толку голем што нема потреба од воена акција, бидејќи веќе значително го ослабевме“, изјави Рубио.
Сепак, тој нагласи дека вистинската победа за Вашингтон би била да се спречи Иран некогаш да дојде во посед на нуклеарно оружје.
Американскиот државен секретар призна дека последиците од конфликтот ги почувствувале и граѓаните на САД, особено преку зголемувањето на цените на горивата, како и пошироките нарушувања во глобалната економија.
Рубио оцени дека за Трамп би било полесно да ја игнорира заканата што, според Вашингтон, ја претставува иранската нуклеарна програма, да избегне непопуларна воена интервенција и проблемот да му го остави на следниот американски претседател. Сепак, според него, американскиот претседател одлучил да се соочи со предизвикот.