Нови масовни протести се најавени за денеска во околу 50 градови низ Франција поради високите трошоци за живот. Најголемите демонстрации се очекуваат во Париз, каде што според процените на властите би можеле да се соберат меѓу 30.000 и 60.000 луѓе.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нунез најави дека за одржување на јавниот ред и безбедноста ќе бидат распоредени околу 70.000 полицајци и жандарми, исто колку и на протестите минатата сабота, пренесе телевизијата БФМ.
Нунез рече дека полицијата ќе применува мобилна стратегија, со брзо прераспоредување на силите во зависност од движењето на демонстрантите и групите кои би можеле да предизвикаат инциденти.
„Ќе имаме исто распоредување како минатата сабота. Тоа ќе биде мобилно и брзо распоредување, приспособено на движењето на ризичните групи, кои се собираат во помали групи и се обидуваат да го избегнат полициското присуство“, изјави Нунез.
Во Париз се пријавени три одделни протести. Едниот е против законот што се однесува на претпоставката за легитимна употреба на оружје од страна на припадниците на безбедносните сили, вториот е протестен марш против насилството врз децата, а третиот е собир на движењето „Жолти елеци“.
Неформалното движење „Жолти елеци“, заедно со младински организации, повика на демонстрации низ целата земја поради растот на трошоците за живот и финансискиот притисок врз граѓаните.