Бизнисмен осомничен за перење пари поврзан со земјиштето за проектот на Џаред Кушнер во Албанија


albanija-zname-pexels.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Американскиот бизнисмен од Мајами, Артур Шеху, за кого албанските власти распишале потерница поради сомневања за перење пари од дрога, е осомничен и за фалсификување имотни документи за земјиштето на кое зетот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, планира да изгради луксузен комплекс вреден милијарди долари.


Според документите на албанската Специјална структура за борба против корупција и организиран криминал (СПАК), до кои дошла агенцијата „Ројтерс“, Шеху и негови соработници се товарат за шверц на кокаин од Јужна Америка кон европски пазари и перење пари преку различни инвестиции во недвижности.

Во истрагата се наведува дека осомничените преку фалсификувани документи за сопственост создале мрежа на недвижности, а дел од тоа земјиште подоцна било продадено за проектот на компанијата „Сазан Риал Естејт Девелопмент“, зад која стои Кушнер.

Шеху ги отфрла сите обвинувања. Неговиот адвокат Кујтим Цакрани изјавил дека неговиот клиент не е ниту трговец со дрога, ниту фалсификатор на имотни документи.

„Ништо од она што се наведува за господинот Артур Шеху не е вистина. Тој не е ниту трговец со дрога ниту фалсификатор на имотни документи“, рекол адвокатот.

Според документите, Шеху во април продал дел од нетакнатото албанско крајбрежје на компанијата „Албанија Ленд Девелопмент“, поврзана со проектот за одморалиште на Кушнер. Албанските обвинители наведуваат дека постои сомнеж дека имотот бил стекнат со фалсификувани документи.

Во списите нема обвиненија за незаконско постапување против Џаред Кушнер, неговите компании или другите инвеститори. „Ројтерс“ наведува дека нема пронајдено докази дека инвеститорите биле свесни за какви било сомнежи поврзани со Шеху во моментот на купувањето на земјиштето.

Проектот во близина на селото Звернец во Албанија веќе подолго време предизвикува реакции кај локалното население и еколошките организации поради стравувањата дека изградбата може да го загрози природното подрачје, кое е дом на морски желки и фламинга.

Мештаните со години го оспоруваат сопствеништвото над дел од земјиштето, а нивните адвокати најавија дека ќе бараат забрана за изградба додека траат судските постапки.

Од компанијата „Сазан Риал Естејт Девелопмент“ велат дека веруваат оти купувањето на земјиштето било законско и спроведено според сите процедури.

Албанската влада го поддржува проектот, оценувајќи дека тој ќе донесе економски придобивки, додека критичарите предупредуваат на можни последици врз природата и транспарентноста на сопственичките односи.

Истрагата ја води СПАК, независна институција формирана во 2019 година за борба против корупција и организиран криминал. Според документите, обвинителите наредиле замрзнување на околу 110 милиони евра од продажбата на земјиштето, со цел средствата да не бидат префрлени на сметката на Шеху.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK