Левица повторно ќе поднесе Предлог-закон за гарантирано платено породилно отсуство за земјоделките


evgenija-levica.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По повод Меѓународниот ден на руралната жена, раководителката на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) при Левица, Евгенија Станкоска, на денешната прес-конференција најави дека Левица повторно ќе го поднесе Предлог-законот со кој се бара индивидуалните земјоделки да добијат законски загарантирано право на платено породилно отсуство.


Предлог-законот беше поднесен во 2023 година, но тогашната власт предводена од СДСМ не го усвои. Три години подоцна, земјоделките и понатаму плаќаат придонеси во систем во кој не им се гарантирани основните права кога ќе станат мајки.

Станкоска посочи дека Законот за работните односи не ги препознава индивидуалните земјоделки како лица во работен однос, со што им се ускратува правото на породилно отсуство и боледување.

„Наместо системско законско решение, државата воведе програма за финансиска помош со ограничен буџет и дополнителни услови. Во период од две години биле поднесени десет барања, од кои осум биле одбиени. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дискриминација и покренала судска постапка против Владата и Министерството за здравство“, рече таа.

Дополнително, додаде Станкоска, земјоделското производство се соочува со високи трошоци и неизвесен откуп, додека жените што учествуваат во него често немаат сопствен приход од својот труд.

„Во Македонија има над 38.000 регистрирани земјоделки. Каква вредност има формалната еднаквост ако жените што учествуваат во производството на храна немаат економска сигурност кога ќе станат мајки? Затоа повторно го поднесуваме овој закон и бараме породилниот надоместок да биде загарантирано работничко право, а не привремена помош што зависи од добрата волја на министрите.“, истакна Станкоска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK