Петровска: Пратениците мора да покажат политичка зрелост за уставните измени

Уставните измени се прашање на покажување политичка зрелост, бидејќи се одлуки што се особено важни за иднината на државата, вели министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Петровска учествува на Меѓународниот саем за одбрана и безбедност DEFEA 2023, што се одржува во Атина. На маргините на саемот се сретна со нејзиниот грчки колега Никос Панајотопулос, а за МИА говори за билатералната одбранбена соработка со Грција, за која вели дека е на исклучително високо ниво, за можностите за нејзино дополнително продлабочување, за грчката поддршка за наше членство во ЕУ, но и за актуелните прашања кај нас, како што се уставните промени и осудените во случајот „Диво насеље“.

-За уставните измени ќе кажам само еден коментар дека за мене, тие не се прашање повеќе на тоа дали ќе има двотретинско мнозинство или броење на пратениците кои ќе дадат поддршка, туку се многу повеќе прашање на покажување на политичка зрелост затоа што за одлуки кои што се особено важни за иднината на државата, сите политички партии, без разлика дали се власт или опозиција, во даден момент мора да ја покажат својата политичка зрелост и да го предводат народот во донесување на тие одлуки, истакнува Петровска.

Петровска Панајотопулос АтинаНа средбата со министерот за одбрана на Грција, која траеше многу подолго од предвиденото, Петровска и Панајотопулос се согласиле дека соработката во областа на одбраната меѓу двете држави од 2019 година, „навистина бележи значително подобрување и е на исклучително високо ниво“, а разговарале и за нови перспективи за продлабочување на оваа соработка.

-Досега бројни се и вежбите и заедничките активности помеѓу армиите на двете држави каде заедно учествуваме, без разлика дали тоа е на билатерално ниво или со повеќе други држави. Она што особено беше мотивирачки од Саемот се бројните грчки компании кои ги изложуваат своите производи кои се дел од најсовремената софистицирана опрема за вооружување, па со мојот грчки колега зборувавме и за продлабочување на соработката помеѓу двете држави во тој сегмент, значи искористување на капацитетите на грчката воена индустрија и она што можеме да го направиме ние во нашата држава, а особено зборувавме и за споделувањето на искуства од користењето на инструментот за набавка на ваков вид на софистицирана опрема преку познатиот инструмент Влада со Влада, открива министерката.
Паралелно, двајцата министри разговарале и за европската перспектива како на Северна Македонија, така и на останатите земји од регионот.

-Европската интеграција и на Република Северна Македонија, меѓутоа и на земјите од Балканот кои тој процес го започнале, навистина е потребно да се забрза, се со цел да не се предизвика или тоа да не влијае дополнително на комплицирање на безбедноста во регионот. Затоа што европските држави треба да знаат дека земјите од Балканот припаѓаат во Европската Унија и тие тој процес го започнале и даваат се од себе и граѓаните на тие држави, меѓутоа и владите навистина што е можно побрзо процесот да биде завршен. Република Македонија се покажа како сериозен партнер во процесот на европската интеграција на нашата држава и се согласивме дека заслужуваме да бидеме соодветно наградени за тоа, вели Петровска.

Иако неповрзано со Грција и учеството на Меѓународниот саем за одбрана и безбедност, министерката Петровска за МИА го коментира и актуелното прашање кај нас, односно сценаријата за префрлање на Косово на осудените во случајот „Диво насеље“.

-Мислам дека треба да се почитува одлуката на македонските судови и дека осудените, онака како што во процедура, во судска постапка се осудени, треба да ја издржуваат својата казна во затворите во нашата држава, онаму каде што кривичното дело е сторено, а доколку постојат било какви сомнежи за условите или за околностите во кои тие ја издржуваат казната, мислам дека работата на секој еден од нас е да работиме на поднадминување на таквите предизвици или проблеми кои се појавуваат, а не тие да ги заобиколуваме, вели министерката за одбрана.

Leave A Comment