Завршни зборови во судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово

Во Основниот суд во Тетово денеска треба да продолжи судскиот процес со завршни зборови на Обвинителството и одбраната на обвинетите кои се товарат за неколку кривични дела поврзани со пожарот во модуларната болница во септември 2021 година кога загинаа 14 луѓе.

Ова е втор обид да има завршни зборови откако рочиштето на 25 април беше одложено за денес поради отсуство на еден од обвинетите, тогашниот директор Флорим Бесими. Неговиот адвокат, кој беше присутен на судењето пред пред две недели, образложи дека Бесими поради здравствени причини не може да присуствува на судењето. Судијата Јордан Велковски го закажа почетокот на рочиштето во 10 часот.

Доказната постапка во судскиот процес заврши со последните сведоци кои беа сослушани на 6 април.

Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се товарат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела – „предизвикување општа опасност“ и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Обвинетите на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но дека не чувствуваат вина. Судењето започна во декември 2022 година.

Leave A Comment