– Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска имаше повеќе средби со учесници на Форумот за безбедност ГлобСек во Братислава, меѓу кои и со Пјер Ејброн, специјален пратеник на Франција за обнова и помош на Украина, од француското Министерство за Европа и надворешни работи.
Во фокус на разговорите беше европскиот пристапен процес на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан, при што Османи ја реафирмираше заложбата за развивање на соработката меѓу државите од Западен Балкан како единствен пат кон прогрес и европска иднина. Додека во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи ги брифираше соговорниците за напорите на Организацијата за приоритетот број 1, соопшти МНР.
– ОБСЕ е присутна во Украина, го поддржува украинскиот народ и од блиску ја набљудува состојбата. Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ ќе ги стави на располагање сите механизми на ОБСЕ за обезбедување на мир и почитување на меѓународното хуманитарно право од страна на Русија, истакна Османи.
Министерот оствари средба и со Светлана Тихановскаја, претставник на белоруската опозиција, на која “ја нагласи поддршката за белорускиот народ во борбата за демократија и слобода, истакнувајќи ја потребата од итно и безусловно ослободување на сите политички затвореници од режимот на Лукашенко“.
Во текот на утрешниот ден, Османи ќе има обраќање на панелот посветен на иднината на проширувањето на Европската Унија, а ќе учествува и на неколку други тркалезни маси и панел дискусии. На агендата на Османи за време на престојот во Братислава се и други билатерални средби со свои колеги, инфотмираат од МНР.