Родителите и роднините на загинатите во Кочани стигнаа пред Министерството за внатрешни работи. Решија да дојдат пред Министерството откога министерот Панче Тошковски ги известил дека ќе ги прими на средба. Измачени од маршот кој почна пред три часа, тие застанаа пред Министерството.
„Кога ние можевме да дојдеме до тука, тој ако има храброст нека излезе пред нас, родителите. Ние толку голем пат поминавме до тука, нека излезе тој од почит кон нас родителите. Штом не знаеше со колата да дојде пред Собранието еве ние пешки дојдовме до тука и без душа и без сила и без дете. Сакаме да дојде тука, пред нас“, кажа една од мајките на загинатите и седна на асфалтот пред МВР.
Друга мајка предложи да влезат и да разговараат со министерот сами, како што направија во Обвинителството но повеќето кажаа дека се исцрпени и чекаат министерот да покаже почит.
Пред Собранието пред родителите на загинатите излегоа лидерот на опосициската СДСМ Венко Филипче и неколкумина негови сопартијци пратеници како и пратеници од партијата Левица. Откога Филипче им објасни дека институционално, во Собранието се борат за неселективна правда, родителите на загинатите им кажаа да си депонираат оставки од функциите кај претседателот на Собранието оти нивната борба личи на „борба во себе“. Ги потсетија пратениците на СДСМ дека се многу поборбени кога се борат за да дојдат на власт, па прават шарени и какви ли уште не револуции.