Гир и Ларсон Џаин: Да се изгради национален консензус за евроинтеграциите на државата

gir
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Евроамбасадорот во Северна Македонија Дејвид Гир и амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џаин, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, денеска повикаа да се изгради национален консензус за евроинтеграциите на државава, како и поларизираноста во политичката дебата во Северна Македонија да се замени со конструктивен политички дијалог.







-Не сакам да навлегувам во дебатата во врска со промените на Уставот, освен да кажам дека тоа е суверена одлука на државата којашто треба да ја преземе или не, но сакам да повикам на отвореност, политичка одговорност и да се има предвид дека долгорочните цели и интереси на оваа земја и нејзината иднина во рамките на Европската Унија, порача евроамбасадорот Гир.

Според него, патот кон ЕУ е така поставен и за да се постигне таа цел е многу јасно она што треба да се направи.

-Сето тоа е остварливо но не е едноставно, тоа се заснова врз спроведувањето на реформите коишто се од суштинско значење и кои ќе ја променат оваа земја. Реформи што се потребни за да се заштити оваа држава, за кога ќе биде членка на ЕУ да ја има отпорноста и да може да се натпреварува со останатите земји-членки на ЕУ и да има корист од проширувањето, порача Гир.

Шведската амбасадорка Ларсон Џаин рече дека политичката реалност треба да и дава на земјава поттик кон европскиот процес на проширување, дека ЕУ е посветена на процесот на проширување кон Западен Балкан и оти оваа посветеност не се пренесува само со политички изјави.

-Северна Македонија ужива и големи придобивки од оваа поврзаност со ЕУ но се соочува и со предизвици, како што е сиромаштијата и корупцијата. Сакам да нагласам дека корупцијата го кородира општеството и се заканува на функционирањето на економијата и ја уништува и конкурентноста. Борбата против корупцијата и други елементи за владеење на правото се многу значајни за членството во ЕУ и треба да се знае дека ова се области каде што земјите-кандидати треба да започнат токму од оваа позиција, порача амбасадорката.

Таа се осврна на геополитичкиот моментум на проширувањето и на тоа дали е остварлива целта за членство до 2030.

-Многумина ме прашуваат дали верувам дека целта за членсто до 2030 е остварлива. Одговорот е дека тоа зависи од самите жители, од Македонците, додека вие го туркате овој процес и сте дел од фундаменталните промени што се потребни за да се направи оваа земја подготвена за членството во ЕУ, таа цел е остварлива, нагласи Ларсон Џаин.

Вистината, додаде таа, е дека пред да се пристапи во ЕУ треба да има процес на трансформација којшто ќе треба да се одвива и од овие реформи придобивки ќе имаат самите граѓани на Северна Македонија и тоа не од денот кога ќе станете членки, туку од денот кога самите реформи ќе се спроведуваат.

-Поларизираноста во полтичката дебата во Северна Македонија треба да се замени со конструктивен политички дијалог со цел да се изгради национален консенус во однос на целта за евроинтеграциите. Политичките лидери ќе одлучат дали ќе направат устави измени во согласност со посветеноста да се отворат преговори и ова е во рацете на политичките лидери за да се оди во оваа насока, порача таа.

Ларсон Џаин потсети на патот на нејзината земја Шведска, кон ЕУ.

-И нашиот пат на Шведска не беше лесен, пред да станеме членка имавме референдум каде што имавме 52 отсто граѓани кои сакаа да влезат во ЕУ, што беше многу мала бројка. Требаше да се откажеме од некои наши специфични производи, но беше јасно дека членството ќе ја зајакне нашата економија, бевме и воено неутрални, но имаше јасна определба дека Шведска припаѓа на ЕУ. Денес поддршката за членство е 68 отсто и ние сме европски граѓани исто колку што сме и Швеѓани, рече Ларсон Џаин, повторувајќи дека треба да се искористи силниот моментум за пристапувањето кон ЕУ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK