Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање порача дека наместо креирање поделби и отворање вештачки теми, Мицкоски треба да одговори зошто не ги става Бугарите и другите малцинства во Уставот и зошто не ги продолжува преговорите со Европската Унија.
„Зошто не ги става Бугарите во Уставот и другите малцинства и да ги почне преговорите со Европска Унија? Каков е ризикот од Уставните измени? Од што тој се плаши? Зошто го лаже народот? Тој е заглавен во паметот со тоа дека треба да се збогати, тоа му е неговата суштина“, рече Филипче.
Тој додаде дека власта намерно отвораа прашања кои одамна се затворени, со цел да го избегне одговорот на суштинските проблеми поврзани со реформите и евроинтеграциите.
„Што се случува во изминатиот период? Се отвораат прашања кои што се затворени. Кога било прашање јазикот на Албанците или балансерот и правичната застапеност? Никогаш. Затворени прашања беа тоа со рамковниот Охридски договор. Зошто се отвораат? За да нема одговор на главното прашање, а тоа е зошто нема реформи и зошто не се продолжуваат преговорите со ЕУ“, рече Филипче.
Во одговорот Филипче порача дека реформите значат Уставни измени и вистински исчекор кон Европската Унија, а не политички манипулации и дефокусирање на јавноста.
„Еве претседателката Сиљановска убаво кажа, објасни жената, зошто е добар Преспанскиот договор. Притоа несвесно призна дека свесно лажела. Ете тоа направи Гордана Сиљановска, со цитирање членови, со преамбули на Европа. Кој е тој степен на лицемерие? Такви луѓе немаат право морално ниту политички да ја водат државата, затоа што не ја водат како што треба. Затоа што не ги интересира ништо освен нивниот сопствен интерес. Тие луѓе не сакаат единство, не сакаат реформи. Реформите се викаат Уставни измени. Тоа е чекор напред“, рече Филипче.