Дрвошанов: Предлог Буџетот за 2027 има за цел одржување на макроекономската стабилност и забрзување на економскиот раст


drvoshanov-16.11.2026.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Жан Дрвошанов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет на која се дискутираше Предлог Буџетот за 2027 година, истакна дека истиот е изготвен во услови на сложено и неизвесно меѓународно економско опкружување пропратено со бројни надворешни ризици, геополитички предизвици, нестабилност на енергетските пазари како и неизвесност во глобалните економски текови, додека целта на Владата, во вакви услови, е да обезбеди стабилност, да ги заштити интересите на граѓаните истовремено создавајќи услови и за економски развој на државата.


„Суштинска работа за овој буџет е тоа што е проектиран во насока на одржување на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, зајакнување на фискалната одржливост со јасна определба за фискална консолидација и одговорно управување со јавните финансии“, рече Дрвошанов и додаде:

„Фискалната политика за 2027 година е поставена во согласност со донесената фискална стратегија на Република Македонија за периодот од 2027 до 2031 година. Останува проектираниот буџетски дефицит од 3,5% од БДП и тоа се, во услови на неповолна надворешна клима и висока економска непредвидливост на глобално ниво. Планираниот буџетски дефицит претставува рамка во која ќе се реализираат планираните активности со истовремено водење сметка за динамиката на јавниот долг, одржлива стабилна економија која ќе создаде услови за одржлив релативно висок раст на БДП, а со тоа и подобрување на животниот стандард на граѓаните“.

Дрвошанов истакна дека ваквата проекција на буџетскиот дефицит упатува на негово постепено намалување со намера да се зајакне фискалната дисциплина и да се стабилизира динамиката на јавниот долг.

„Буџетскиот дефицит е предвиден на 45 милијарди денари или 3,5% од БДП. Овие показатели испраќаат важна порака дека државата се движи кон постепено намалување на буџетскиот дефицит со намера да ја зајакне фискалната дисциплина, да ја стабилизира динамиката на јавниот долг. Особено е важно што фискалната консолидација не се спроведува преку запирање на развојните процеси и преку кратење на неопходните средства за граѓаните, туку преку поголема рационалност, подобро планирање и поефикасно користење на јавните ресурси“.

Пратеникот Дрвошанов истакна дека една од побитните улоги на буџетот е обезбедувањето на социјалната сигурност и стабилност на граѓаните и посочи дека за социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари, за социјална заштита за најранливите категории 14,3 милијарди денари, додека за активните политики и мерки за вработување се предвидени 2,9 милијарди денари, при што ваквиот начин на креирање на социјалната политика освен финансиска помош, како што вели Дрвошанов, треба да создаде и можности за вработување и економска независност на граѓаните во општеството.

„Една од најважните улоги на буџетот е исто така да се обезбеди социјална сигурност и стабилност на граѓаните. Во оваа насока за социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари што претставува зголемување за 4,1%. Од овие средства 123,8 милијарди денари се наменети за исплата на пензии или 4,8% повеќе од минатата година. Нашата обврска е да создадеме услови за достоинствен живот на повозрасните граѓани, но истовремено да обезбедиме и долгорочна одржливост на пензискиот систем“, кажа Дрвошанов и додаде:

„За социјална заштита за најранливите категории се планирани 14,3 милијарди денари, за активните политики и мерки за вработување се предвидени 2,9 милијарди денари, додека за исплата на паричен надомест во случај на невработеност планирани се средства во износ од 1,5 милијарди денари. Ова се средства кои треба да обезбедат поддршка за семејствата со ниски приходи, лицата во социјален ризик и оние на кои им е потребна помош од институциите, но социјалната политика не треба да се сведува само на финансиска помош, таа треба да создаде можност за вработување и економска независност и активно учество на граѓаните во општеството“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK