Таткото негира дека кажал кога Вања ќе излезе од дома, Обвинителството и за него ќе бара притвор

Таткото-негира-дека-кажал-кога-Вања-ќе-излезе-од-дома.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Таткото на убиената Вања во истрагата негирал дека тој му ги дал информациите на организаторот, кој истовремено е и извршител на убиството, Љупчо Палевски-Палчо, сега во бегство, за местото и времето кога таа сама ќе излезе од дома. Основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, вели дека вмешаноста на таткото засега се вади од контекстот на она што го кажуваат другите приведени. Двајца од приведените рекле дека избеганиот Палевски им кажал дека од таткото на Вања ги добиле информациите кога и каде може да ја чекаат.

„Досегашниот негов исказ во полицијата јасно го знам, не знам дали можеби во моментот нешто ќе се смени или се сменило, сѐ уште таткото ги негира овие дејства. Ние неговата инволвираност, која сè уште сметаме дека е посредна во овој случај, ја вадиме од контекстот на она што го кажуваат другите инволвирани во случајот дека едното лице им кажало оти сето ова го знае од контактот со таткото. Во однос на тоа дали ќе се бара притвор, да, затоа што ова е почетно, имаме основи на сомнение за негова вклученост и ќе се бара обезбедување негово присуство во постапката. Ќе видиме и од материјалните докази што ќе произлезе денес, можеби некои докази ќе произлезат утре. Веројатно, во текот на денот ќе има одредени промени. Ќе се бара притвор“, рече обвинителот Бубевски.

Тој уверува дека сите вербални и материјални докази што ги имаат се поклопуваат, односно се идентични и „нема бегање од тоа“.

Истражните органи допрва ќе утврдуваат и дали таткото е некако поврзан со убивањето на Вања оти засега го поврзуваат само со нејзиното грабнување.

„За таткото сега за сега само посредни докази укажуваат дека учествувал во некакви насоки кога девојчето ќе излезе само, кога би можеле да го очекуваат за да се изврши кривичното дело грабнување. Таткото не може да го осомничиме ниту дека е дел од групата, која потоа го извршила најтешкото кривично дело затоа што немаме такви сознанија за тоа. Имаме определени сознанија што ни укажуваат дека таткото имал одредена комуникација со лицето, тука ќе ја задржам пресумцијата на невиност за да не направам и друг проблем понатаму, кое сега не е тука и дека овие двајца од тројцата осомничени, кога го прашале тоа лице, тој рекол: јас овие сознанија ги имам од таткото на девојчето, кога, во колку и како излегува и дека ќе биде само тој ден кога излегува од дома“, објасни обвинителот Бубевски на денешната прес-конференција за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, а за кои истрагата утврди дека се поврзани.

Обвинителството сѐ уште не ги води приведените петмина и избеганиот Палевски како организирана група. Сѐ уште се утврдуваат нивните врски за да може да се наречат организирана група, засега се само соизвршители.

Групата на 22 ноември го киднапирала 74-годишниот велешанец за кој е веќе утврдено дека имал долг од 500 евра и се поврзува со еден од приведените. Му го зеле автомобилот и со него ја киднапирале Вања на 27 ноември. Ја чекале пред влезот на зградата, ѝ ги врзале рацете и нозете, ја ставиле во багажникот и ја однеле во скопското село Бразда. Таму ја убиле и ја закопале, а во близина го запалиле автомобилот.

Го убиле и 74-годишниот велешанец, кој бил закопан во Велес, а во двата случаја имало по еден сведок на убивањето.

Оружјето сè уште не е пронајдено.

Додека за истражните органи донекаде е јасно дека велешанецот бил убиен за долг од 500 и за да се искористи неговиот автомобил во случајот на Вања, сѐ уште не е утврдено за колкава сума се работи и на утврдување на мотивот сѐ уште ќе се работи. Обвинителот Бубевски објасни дека ќе проверуваат дали станот, кој мајката го продала, е можен мотив за изнуда иако досега истрагата не открила дека од неа е побаран откуп.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK