Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Националната установа Албански театар – Скопје за 2024 година на сметката на основен буџет.
Во конечниот извештај, ревизорите изразиле неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.
Ревизијата утврдила слабости во процесот на вршење попис на средствата и изворите на средства, како и дека не е воспоставена материјална евиденција за материјалните средства.
Дополнително, биле евидентирани градежни објекти без обезбеден акт за сопственост, како и материјални средства во подготовка и покрај обезбедено Одобрение за употреба и дадени препораки за пуштање во употреба на градежниот објект и опремата.
Во извештајот се наведува и дека не е дефиниран начинот на набавка, прием, издавање и задолжување со материјали и ситен инвентар, констатирани се слабости во начинот на регистрирање и евидентирање на полното работно време, како и намирување на обврски по проекти од минати години за кои не биле предвидени финансиски средства со тековниот Годишен план за работа.
Ревизијата дала препораки за надминување на утврдените состојби и подобрување на работењето на установата.
Во делот „Нагласување на прашања“ се посочуваат состојби поврзани со нерегулиран начин на користење на недвижни и движни ствари, функционирање на Управниот одбор без законски утврдениот број членови, внатрешната организација и систематизација на работните места, начинот на користење на паркинг-просторот наменет за публиката на театарот и судски постапки кои се во тек.
Во делот „Останати прашања“, ревизорите укажуваат на недефинирани механизми во Законот за културата за задолжително ангажирање на давателите на услуги во реализацијата на годишните програми за работа.
Во извештајот е наведено и дека во делот на внатрешните контроли не се донесени интерни процедури за значајни процеси во установата, не е систематизирано работно место за раководител на единицата за финансиски прашања и не се назначени лица за вршење на ex-ante и ex-post финансиска контрола.
Од Националната установа Албански театар – Скопје бил доставен допис во кој се наведува дека одговорното лице нема забелешки на Нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор.