Првиот летен камп по веронаука во скитот на Светите Браќа Кирил и Методиј

prv-kamp-veronauka-bitushe-2024-017
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Онаму каде што Божјата креација ја благословува човечката; онаму каде што Божјото создание го пресретнува делото на човекот косоздател; каде што Божествената возвишена естетика е инспирација за земните вљубеници во убавото; каде што умилната утринска песна на многуте разни птици се синхронизира со пеењето што извира од тишината на човечката душа, таму Бог Сетворецот, преку рацете на Својот предан слуга, нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, го издигна Свое велелепно здание, Своето светилиште – молитвениот дом на Светите Браќа Кирил и Методиј, тој прекрасен украс на Бигорскиот Манастир, кој се наоѓа над село Битуше.







По идеја и со благослов на владиката г. Партениј, ова лето, во ова прекрасно место кое од Создателот на сета твар е дарувано со многу природни убавини, започнавме со организирање на летните школи за деца и млади. На овие летни кампови по веронаука, освен изучувањето на делото на Светите Браќа Кирил и Методиј, на кои им е посветено ова свето место, освен основите на православната вера, традициите и етичкото учење што од неа произлегуваат, се фокусираме и на развојот на сите добри потенцијали на децата, на нивниот креативен капацитет и на социјалната интеракција, коишто во денешно време особено недостасуваат меѓу нив.

Имено, околу триесетина деца од разни места беа учесници на првиот летен камп во бигорскиот скит на Светите Браќа. Всушност, овој камп на некој начин имаше вонреден карактер, затоа што комплексот на Скитот сѐ уште се наоѓа во фаза на доградување и на подготовка. Се надеваме дека, со Божја помош, ќе бидат обезбедени неопходните средства за целосно завршување на градителските активности.

Радоста и џагорот кои се споделуваа беа причина за и жителите и дојденците во селото Битуше, заедно со своите деца и внуци да го посетуваат скитот и да остануваат таму преку целиот ден, учествувајќи заедно со децата кампери во различните видови на активности.

А најрадосна за нив беше средбата со епископот Антаниски г. Партениј, кој доаѓајќи во посета на дечињата, се запозна со сето она што тие го научиле и го стекнале како вредност во текот на оваа школа. Нему му иразија особено голема благодарност заради оваа негова иницијатива, замолувајќи го во иднина повторно да им благослови да бидат дел од оваа програма. Воедно, тие верно му ветија дека сѐ што тука научиле ќе пренесат и на своите другарчиња.

Изразуваме огромна благодарност до нашите штедри донатори: „Лакталис“, „Житолукс“, „Житополог“, „Кристал“, „Куќа на Мијаците“, „Драни Премиум“ и други добронамерни компании и граѓани, кои овозможија голем дел од своите производи за оваа летна школа за деца.

Бигорски манастир

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK