Парискиот суд ѝ додели на Ким Кардашијан отштета од едно евро (1,15 долари) за тоа што била жртва на вооружен грабеж во француската престолнина во 2016 година. Ова е износот на отштета што таа самата го побарала, изјави адвокатот вклучен во случајот.
Кардашијан се обиде да продолжи понатаму откако судот минатата година прогласи осум лица за виновни за нивната улога во грабежот, што познатата личност го опиша како „најстрашното искуство во мојот живот“. Таа и стилистката Симон Харуш му се заблагодарија на француското судство во заедничка изјава, објави CNN.
„Тоа искуство беше длабоко трауматично и неговото влијание остана со нас. Денешната одлука не е прашање на компензација, туку на одговорност и признание“, се вели во соопштението испратено до Асошиејтед Прес. „Благодарни сме на судот и на сите што нè поддржаа во текот на овој процес и сега сакаме да продолжиме понатаму и да се опоравиме.“
Судот му додели на поранешниот рецепционер во хотелот „De Pourtales““ 109.516 евра (126.472 американски долари), рече неговиот адвокат. Кардашијан престојувалa во тој хотел кога група крадци извршиле грабеж.
Рецепционерот рече дека претрпел траума поради грабежот на накит на 2 октомври 2016 година, за време на Неделата на модата. Тој побара 550.000 евра отштета и камата. Неговиот адвокат Моханд Уиџа ја поздрави одлуката како победа.
Адвокатот ги прочита на Асошиејтед Прес писмените одлуки на судот што се однесуваат на Кардашијан и другите учесници во постапката.
„Ова злосторство беше најстрашното искуство во мојот живот и остави траен белег врз мене и моето семејство. Иако никогаш нема да заборавам што се случи, верувам во моќта на личниот развој и одговорноста и се молам за закрепнување на сите. Останувам посветена на застапувањето на правдата и подобрувањето на фер правосуден систем“, рече познатата личност.