Шаќири: Надлежните институции ќе ги проценат потенцијалните ризици од употребата на „Тик-ток“ од учениците

shakiri
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

МОН ќе има состаноци со надлежни институции кои треба да проценат кои се ризиците од употребата на мрежата „Тик-ток“ за учениците за да се заклучи дали треба да се ограничи нејзиното користење. За безбедноста во училиштата ќе има интензивни состаноци со вклученост на педагози, психолози и родители, а од септември прирачници и протоколи со мерки, соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири.







-Денеска ќе продолжиме со состаноци со институциите кои треба да проценат кои се потенцијалните ризици од употребната на тик-ток мрежата, какви материјали содржи и начинот како ја употребуваат учениците во основно и средно образование, рече Шаќири во изјава за медиумите по отворањето на конференцијата за италијански јазик во Ректоратот на УКИМ.

Како што рече, институциите за безбедност треба да проценат колку е лош материјалот на „Тик-ток“, со оглед и на неколку видеа од ученици за кои постапува МВР. Посочи дека тука ќе се вклучат Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за електронски комуникации, како и други институции од ИКТ-секторот за да се разгледаат начините на употреба на оваа апликација.

-Ако можеме од институциите за информатика да имаме конкретни ограничувања во начинот на отворање, внесување податоци, ќе ги разгледаме сите можности, рече Шаќири, додавајќи дека за препораки во однос на овие содржини се размислува и во други земји.

Нагласи дека треба и сите институции да се координираат и да разменуваат информации – министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, секторите за образование по општини.

-Ќе се разгледува и како стоиме со кадарот – психолози, педагози. Некаде има по двајца, но бројот на ученици е различен по училишта. Ќе имаме анализа за тоа што може да придонесе севкупниот број на стручниот кадар во училиштата – основни или средни, и тие заедно да соработуваат во препораките. Според информации што ги добивам, некои од училиштата почнаа со редовни состаноци, итни состаноци, состаноци со родители. Покрај со класните наставници, ќе почнат и со психолози и педагози, кои досега постапуваа само за одредени случаи, рече Шаќири.

Додаде дека ова се првични мерки, а од новата учебна година ќе има и конкретен протокол.

-Очекувам од септември да имаме повеќе протоколи, повеќе прирачници, ќе ја разгледаме воспитната програма, работата на центрите за социјална работа итн. додаде министерот за образование и наука.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK