(Фото+видео) Студентската листа прогласи победа во Србија


screenshot-2026-10-25-221817.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Студентската листа „Студентите победуваат“ прогласи победа на предвремените парламентарни избори во Србија. Според прелиминарните проекции на ЦеСИД и Ипсос, врз основа на 56 отсто од обработениот примерок, студентската листа освоила околу 52 отсто од гласовите и би можела да добие 138 пратенички мандати, додека листата на Александар Вучиќ се очекува да освои околу 104 мандати.


Станува збор за прелиминарни процени, а не за конечни официјални резултати. Во изборниот штаб на студентската листа почна славје, а нејзините претставници порачаа дека изборниот резултат означува почеток на ново поглавје за Србија.

„Драга Србијо, вечерва се слуша гласот на народот, вечерва се слуша гласот на слободата. Граѓаните на Србија покажаа дека ниту една пречка не е поголема од нивната волја, ниту еден страв не е посилен од нивната храброст и дека ниту една сила не може засекогаш да го надвладее народот што одлучил да ја земе судбината во свои раце“, порачаа претставниците на студентската листа.

Повик за мирно и достоинствено славење

Студентите ги повикаа граѓаните победата да ја прослават мирно и достоинствено, без судири и насилство, предупредувајќи да не подлегнуваат на провокации.

„Нашиот одговор на секоја провокација нека биде достоинство, на секоја навреда – мир, а на секој обид да нè поделат – уште посилна солидарност“, порачаа тие.

Нагласија дека не сакаат славјето да прерасне во насилство и дека не се бореле со месеци за да ги загубат вредностите што ги сметаат за свои најголеми предности – вербата во правдата, солидарноста и ненасилството.

„Вечерва славиме со песна, игра, прегратки и солзи радосници. Славиме заедно затоа што оваа победа е заедничка. Славиме без омраза, бидејќи слободата што ја сакаме мора да биде слобода за секого“, порачаа претставниците на листата.

„Од утре почнува сериозна и тешка работа“

Студентите оценија дека изборниот резултат е почеток на големи промени и порачаа дека ги очекува сериозна работа за изградба на Србија во која законите ќе важат еднакво за сите, знаењето ќе се почитува, а младите ќе ја гледаат својата иднина.

„Не ветуваме дека сè ќе биде лесно. Ветуваме дека нема да заборавиме зошто почнавме, нема да ги заборавиме луѓето што ни ја дадоа довербата, ниту вредностите за кои се боревме“, порачаа тие.

Додадоа дека власта не ја гледаат како привилегија, туку како одговорност кон народот.

„Студентите победија. А со нив победи и надежта дека Србија може да биде земја на правда, слобода и достоинство“, истакнаа претставниците на листата.

Тие порачаа дека сакаат да градат општество во кое политичките разлики нема да бидат причина за поделби и во кое секој ќе има право на глас, вистина и иднина.

Обраќањето го завршија со благодарност до граѓаните за довербата и поддршката, по што во изборниот штаб продолжи славјето со музика и извици „Победа“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK