Продолжува повлекувањето на косовските специјалци од општините во северно Косово

kosovo_23432423234
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 – Намалувањето на присуството на припадниците на специјалните единици на косовската полиција во четири општини во северно Косово, ќе продолжи утре, како дел од мерките за смирување на состојбите во тој дел од земјата, населен со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.







Според денешното соопштение на косовската Влада, присуството на косовската полиција во и околу општинските згради во Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечане и Зубин Поток утре ќе се намали за дополнителни 25 отсто, така што на тие места ќе има за 50 отсто помалку полиција одошто во времето кога локалните Срби се побунија против инсталирањето на градоначалниците Албанци кои, во април годинава, победија на локалните избори кои Србите ги бојкотираа.

Ова, како што се наведува во соопштението од Владата на Албин Курти, дојде како резултат на заедничката проценка на косовската полиција, Мисијата на Европската унија за владеење на правото (ЕУЛЕКС) и Мировната мисија на НАТО во Косово (КФОР), при што е оценето дека ситуацијата на косовскиот север е добра.

– Полицијата на Косово во рамки на остварувањето на уставните и законските надлежности и овластувања во интерес на јавната безбедност во земјата, а со цел спроведување на договорите постигнати во Братислава на 10 јули, меѓу Европската унија и Република Косово, одржа работна средба со ЕУЛЕКС и КФОР за проценка на безбедносната состојба во и околу општинските објекти. Според заедничката проценка на косовската полиција, ЕУЛЕКС и КФОР, безбедносната состојба во и околу општинските објекти генерално се смета за добра. Согласно овој заеднички наод, утре ќе започне намалувањето на бројот на припадниците на косовската полиција за 25 отсто, во и околу општинските објекти“, се наведува во соопштението.

Владата исто така информира дека тим на косовската полиција, заедно со ЕУЛЕКС и КФОР, ќе ја надгледуваат координацијата и ќе ги преземат неопходните активности согласно редовната проценка на безбедносната состојба во северно Косово.

На 13 јули, 25 отсто од припадниците на специјалните единици на косовската полиција ги напуштија општинските објекти во четирите споменати општини.

Повлекувањето на дополнителни 25 отсто од специјалците, како што велат од кабинетот на Курти, е една од мерките за намалување на тензиите на косовскиот север.

– Владата на Косово јавно декларира дека е подготвена да продолжи да се залага за намалување на тензиите и дека нема да преземе никакви дејствија што би можеле да доведат до ескалација на ситуацијата на северот на Косово. Ова вклучува итно намалување за 25% на бројот на полицајци во градот на општинските згради“, се вели во една од заложбите на Европската унија за смирување на состојбите во Косово.

На крајот на јуни годинава ЕУ објави дека воведува привремени казнени мерки кон Косово, поради тоа што Владата на Албин Курти не ги презеде  мерките кои ги побара европскиот блок за деескалација на состојбата на север.

Во тој дел од Косово, населен со мнозинско српско население, настанаа тензии од крајот на мај годинава, кога новите градоначалници Албанци во тамошните четири општини влегоа во општинските згради со помош на полициски специјалци, наспроти отпорот и протестите на српското население.

ЕУ ја суспендира работата на сите работни групи за Договорот за стабилизација и асоцијација, како и поканите за учество на Косово на средби на високо ниво.

Од Брисел нагласуваат дека тие мерки се привремени и дека можат да се укинат доколку Владата на Курти ги преземе бараните дејствија за смирување на ситуацијата.

Главни услови кои се бараат од Курти за укинување на санкциите се повлекувањето на специјалната полиција и организирањето вонредни градоначалнички избори, на кои ќе се обезбеди учество и на кандидати и партии на косовските Срби.

Курти, освен што почна со намалување на полициското присуство на север, најави организирање вонредни избори на почетокот на оваа есен, меѓутоа, од друга страна, бара од Брисел и САД да извршат поголем притисок врз Белград, за да, како што вели, престане да ги користи и злоупотребува косовските Србите и нивните политички претставници, за дестабилизација на Косово и регионот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK