Единственото природно езеро на Сицилија на работ на исчезнување поради сушата

ezero-sicilija.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поради сушата што ја погоди Сицилија, единственото природно езеро на тој медитерански остров, прибежиште за птиците на патот меѓу Африка и Европа, речиси исчезна.



На Сицилија со месеци има недостиг од врнежи, поради што италијанската влада беше принудена да прогласи вонредна состојба таму.

Езерото Пергуза, дел од природниот резерват во близина на централниот сицилијански град Ене, драматично пресуши поради фаталната мешавина на високи температури и недостаток на дожд, соопштија научниците.

„Езерото веќе го нема. Делот од водата што беше видлив целосно исчезна, освен ова езерце“, изјави Џузепе Марија Амато од еколошката организација Легамбиенте, покажувајќи ја преостанатата вода.

Сицилија, остров со околу пет милиони жители, веќе подолго време се справува со високите температури предизвикани од климатските промени. Пред три години таму беше забележан европски рекорд од 48,8 степени, а некои градови воведуваат рестрикции за вода.

Во последниве години, сушите ги погодија и другите делови на Европа, како Франција и Шпанија. Особено загрозен е Медитеранот, каде просечната температура денес е за 1,5 степени повисока од пред 150 години.

„Езерото Пергуза е показател за тоа како Сицилија страда од климатските промени“, рече Амато, додавајќи дека лошото одржување и канализациониот систем ја влошуваат вонредната состојба.

Езерото обично е со големина од 1,8 квадратни километри и не истекуваат реки во него.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK