Шесто издание на највисоката трка во Македонија државното првенство во „скај” трчање Титов Врв Скајрејс

DSC_5535-2.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На 07.07.24 се одржува шестото издание на највисоката трка во Македонија државното првенство во „скај” трчање Титов Врв Скајрејс.


Шеста година по ред како планинарскиот клуб Македон од Скопје со многу ентузијазам енергија и мотивација ја организара можеби најтешката трка во Македонија.

„Следејќи ги светските трендови и експанзијата на овој вид на трки како земја која го зазема високото 7место во светот во однос на територија/планини едноставно не смееме да заостануваме во организација на овие настани од причина што имаме преубави планини и што е поважно и се поголем број на момци и девојки кои сакаат да се предизвикаат себеси за што побрзо совладување на планинските височини и врвови истовремено уживајќи во прекрасните планински пејсажи“, велат од ПК Македон.

Титов врв скајрејс покрај Македонија е и највисока трка во екс ју земјите како и една од највисоките трки и на Балканот. Од ПК Македон посочуват дека оваа година трката е официјално лиценцирана од страна на меѓународната федерација за скај-трчање и го носи ISF сертификатот со што Титов врв скајрејс е на мапата на светската скајранинг федерација како трка достапна за сите низ светот кои посетуваат и се натпреваруваат на овие трки.

„Следствено, сите учесници се бодуваат и рангираат по меѓународната стандардизирана скала. Сето ова придонесе оваа година трката да достигне повеќе од 100 пријавени натпреварувачи од нашата држава регионот и пошироко. Како и претходните години така и сега од оваа трка се формира и репрезентацијата на Македонија која оваа година цели кон настап 6та година по ред на светското првенство кое во септември ќе се одржи во Шпанија. Терминот “sky”, или по наше, небеско трчање, го доловува карактерот на овој тип на екстремен спортски натпревар. Освен тоа што дистанцата изнесува 20 километри, се совладуваат скоро 2000 метри вертикална висинска разлика во качување и спуштање, и притоа самата стартна точка, Попова Шапка, се наоѓа на 1.700 метри надморска височина. Тоа значи дека повеќе од 60 проценти и од рутата се наоѓа над 2000 метри висина“, велат од ПК Македон и додаваат:

„За споредба, за оние кои немале прилика да го посетат ски центарот, највисоката точка на нашето локално Водно изнесува 1000 метри надморска височина. На страна од цифрите кои ја опишуваат рутата, самиот терен е еден од главните предизвици за тркачите“.

Движењето почнува по самите ски стази, и продолжува по немилосрден и изложен срт. Стрмните падини се карактеризираат со технички каменест терен. Имајќи го сето ова во предвид, завршување безбедно на трката е голем успех само по себе.

На десеттиот километар, учесниците го совладуваат Титов Врв, највисока точка на трката, и највисок врв на Шар Планина. Покрај Титов Врв, тркачите ги качуваат пропратно и Син Врв 2550мнв.-Карабунар 2600мнв. и Бакардан 2704мнв.

„Титов врв скајрејс се одржува во рамки на нашиот најмлад национален парк шар Планина национален парк со што трката е еден од неговите најголеми промотори и одлична можност за вметнување на Попова Шапка и Шар Планина на европската туристичка планинарска мапа. Па така, Титов Врв Скајрејс е повеќе од спортски натпревар, трката е отворена покана за сите поддржувачи на спортот и љубители на природата да го посетат и уживаат природното богатство. Од година во година бројот на посетители расте, и тоа не само тркачи туку нивната поддршка, бројот на волонтери, планинари и случајни минувачи. Можностите и убавините што ги нуди Шара се неизмерни и неизмерно неискористени, и надежно оваа трка ќе послужи како еден вид на мегафон за истите“, истакнуваат од ПК Македон.

Настанот го организира планинарскиот клуб од Скопје Македон, со поддршка од федерацијата за планинарски спортови.

„На голема жалост и мало изненадување, поддршката која ја даваат државните институции за овој настан е во главно во форма на штама. Во споредба со трките од ваков калибар не само на западот, туку и во блискиот регион кои се поддржани од разноразни фирми, брендови и државни органи, Титов Врв СКајрејс живее воглавно на ентузијазмот на членовите на клубот Македон и самите пријавени спортисти. Оваа разлика иако можеби звучи поразително, е доказ за упорноста и потенцијалот не само на клубот туку и на спортот. Од финансиските средства, логистиката, па се до обележувањето на рутата и поддршката на помошните станици и на самата рута, целиот труд вложен е од волонтерски карактер“, изјавија од Македон.

Скај тркањето кај нас сеуште е во својот изгрев. Бројката од стотина пријавени оваа година говори гласно за брзината со која спортот зема замав и се популаризира.

„Без разлика дали имате планинарско искуство или било каков спортски ентузијазам, без разлика дали сте љубител на планините или не, доколку сте барем малку љубопитни и сакате да си поминете викенд на ладовина далеку од бетонските жештини во незаборавна атмосфера, сметајте го ова за покана. Бидете дел од вревата на финишот и кој знае, можеби еден ден и вие ќе стоите позади стартната линија, одбројувајќи од 10 наназад“, завршуваат од ПК Македон.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK