Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека ќе има уште апсења во Србија, дека сега се проверува поврзаноста на сите лица со напаѓачот на жандармот Милош Јевремовиќ и дека очекува до вторник да се реши најголемиот дел од таа работа. Вучиќ гостувајќи на ТВ Прва нагласи дека се работи за целосно смислен терористички напад и дека ништо не се случило случајно.
„Полицијата немаше одредени сознанија, но обвинителството работеше. Имавме комплетна обработка на лице по налог на обвинителството. Обвинителството го правеше тоа и според она што го слушнав можеби грешам, се беше подготвено, требаше да се дополнат уште некои детали за обвинителот, за да има доволно докази и да продолжи во постапка, т.е. апсењето на лицето“ рече Вучиќ.
На прашањето до кога ќе важи црвениот аларм во Србија, односно црвеното ниво на безбедност, Вучиќ рече дека државните органи до вторник ќе го решат најголемиот дел и потоа се ќе биде во ред.
На прашањето како ја коментира една од реакциите што доаѓа од Германија и коментарот дека терористички напад во Србија не е изненадувачки бидејќи резолуцијата за Сребреница исцртала мета на челото на Србија, Вучиќ рече дека зад тоа стои Ирфан Пеци кој некогаш бил многу радикален во неговите ставови и дека соработувал со германската тајна служба БНД.
„Ова е без сомнение една од работите за кои не можам да кажам дека директно влијаела. Би лажел, тоа е прашање за истрага, но нема сомнеж дека и ова ќе се истражува како еден од мотивите“, рече Вучиќ.