Израел и Хамас извршиле воени злосторства во раните фази на војната во Појасот Газа, според новите извештаи на Обединетите нации, истакнувајќи дека акциите на Израел, исто така, претставуваат злосторства против човештвото поради огромните цивилни жртви. Ова се наодите од дваta паралелни извештаи, од кои едниот се фокусира на нападите на Хамас на 7 октомври, другиот на воениот одговор на Израел, објавени од Истражната комисија на ОН, пренесува Ројтерс.
Израел не соработува со оваа комисија, за која вели дека е пристрасна и антиизраелска. Комисијата објави дека Израел ја попречува неговата работа и ги спречува истражителите да пристапат и на Израел и на окупираните палестински територии. Дипломатската мисија на Израел во ОН во Женева ги отфрли наодите на Истражната комисија на ОН и објави дека „нејзините дејствија се во служба на тесно водена политичка агенда против Израел“.
Хамас се уште не одговорил на барањето за коментар.
Извештаите, кои го покриваа конфликтот до крајот на декември, покажаа дека двете страни извршиле воени злосторства, вклучително тортура, убиства или намерно убивање, повреда на личното достоинство и нехумано или сурово постапување. Израел, како што беше посочено, извршил дополнителни воени злосторства, вклучително и гладувањето како метод на војување и не само што не обезбедил основни резерви како храна, вода, засолниште и лекови за жителите на Појасот Газа, туку „делувал за да го спречи снабдувањеto со овие потреби“ што секоја друга страна би се обидела да ги спроведе, пренесува Танјуг.
Независни експерти за човекови права кои работат за ОН во извештајот, објавен денеска, наведоа дека израелските сили и палестинските милитанти учествувале во сексуално и родово насилство во првите месеци од војната меѓу Израел и Хамас, пренесе АП.
Независни експерти, во деталната хроника на настаните што ја објавија медиумите, посочија дека израелските сили и палестинските милитанти извршиле воени злосторства, додека Израел, наводно, извршил злосторства против човештвото. Во извештајот се тврди дека зачестеноста, распространетоста и сериозноста на сексуалните и половите злосторства врз Палестинците извршени од израелските сили во тој период укажуваат на тоа дека одредени форми на такво насилство се „дел од оперативните процедури“ на израелските одбранбени сили (ИДФ). И покрај негирањето на Хамас дека военото крило на палестинската група извршило сексуално насилство врз израелски жени, во извештајот се вели дека експертите документирале „индикативни случаи на сексуално насилство“ врз жени и мажи во близина на местото на големиот музички фестивал, воените пунктови и неколку кибуци јужно од Израел кои беа нападнати на 7 октомври минатата година.
Израел одби да соработува со тимот од независни експерти. Дипломатската мисија на Израел во Женева соопшти дека извештајот се обидува „лажно“ да ги изедначи членовите на ИДФ со терористите на Хамас како извршители на сексуално насилство и повтори дека експертите спроведуваат антиизраелска стратегија.