Герет Саутгејт, селекторот на Англија најави дека речиси сигурно ќе го напушти кормилото на репрезентацијата доколку не ја освои титулата европски првак во Германија.
„Ако не победиме, веројатно повеќе нема да бидам на оваа позиција. Можеби ова е последна шанса. Сигурно половина од тренерите ќе си заминат по ЕП. Таква е нашата работа“, рече Саутгејт.
Саутгејт на клупата на Англија е осум години.
„Доаѓа момент кога веќе не можете да излезете пред јавноста и да кажете дајте ни уште една шанса. Ако сме голем тим и ако сум добар тренер, време е да направиме нешто големо, кога е најважно“, изјави Саутгејт.
Англиската ФА неодамна изрази желба Саутгејт да го води тимот на Светското првенство во САД, Канада и Мексико во 2026 година.
Англија на 16 јуни во недела ќе го одигра првиот натпревар на ЕП против Србија.