Маса топол воздух над северна Африка и централниот Медитеран се пробива кон исток, па од денеска до петок во Грција и Турција на места ќе предизвикаат искачување на температурите до 45 Целзиусови степени, јавува дпа.
Највисоки температури се очекуваат во среда и четврток, а за време на викендот треба да се намалат, прогнозира грчката метеоролошка служба.
Почнувајќи од вторник, училиштата во делови од земјата или ќе се затворат во 11:30 часот или ќе останат целосно затворени доколку локалните општини одлучат дека топлината е премногу.
Грчкото Министерство за труд ги повика луѓето од јавниот и приватниот сектор да работат од дома доколку е можно.
За многубројните туристи кои моментално се во Атина, грчкиот Црвен крст постави штандови на централниот плоштад Синтагма и на Акропол, каде персоналот дели бесплатна вода.
На луѓето им се препорачува да избегнуваат излегување надвор во топлите попладневни часови, да пијат многу вода, да избегнуваат алкохол, да не јадат премногу и да избегнуваат енергично вежбање на отворено.
Многу градови и општини во Грција отвораат јавни, климатизирани згради каде што може да побараат засолниште бездомниците, сиромашните и луѓето кои немаат клима уред дома.
Турската метеоролошка служба исто така предупреди на топлотен бран, кој особено ќе го зафати западниот дел на земјата, каде се очекуваат температури од околу 45 степени Целзиусови.
Се препорачува да се избегнува престој на отворено во периодот од 11 до 16 часот, особено за постарите, децата и хронично болните пациенти.