Четворицата задушени чувари од затворот „Идризово“ се во добра состојба и се очекува утре да бидат пуштени дома, вели директорот на затворот, Зоран Јовановски. Ги посетил синоќа, неколку часа откога завршија во болница оти вдишале чад гаснејќи го пожарот во затвореното женско одделение.
„Тие и вчера се чувствуваа подобро, но лекарите рекоа дека вдишаниот чад може да има одложено разложување, па затоа беа задржани за да бидат под надзор. Веќе утре, како што ни е кажано, ќе бидат пуштени дома. Четворицата чувари, заедно со полицајците и војниците, кои се во затворот, го гаснеа пожарот. Огнот не беше толку голем колку што беше чадот. Се запали душек направен од сунѓер, кој воопшто не е по стандардите за опрема во затвори оти може да вивне во пламен и од обичен отпушок. Не требало воопшто да бидат набавени такви душеци, но тука се. Изгорен е само еден душек, другите се само оштетени оти интервенира и пожарната за да не се прошири огнот и во другите простории“, вели директорот Јовановски за „Макфакс“.
Во собата во која избувнал пожарот, како и во другите соби во затвореното женско одделение во „Идризово“, сместени се пет затворенички. Директорот Јовановски не ја исклучува можноста пожарот да бил подметнат, но очекува МВР тоа да го утврди.
„Сунѓерот од кој е направен душекот е високозапалив, можно е да се работи за невнимателност, но можно е и да е намерно запален. Тоа ќе го утврди МВР. Дојде увидна екипа, направи разговори. Очекуваме истрагата да покаже што се случило“, рече директорот Јовановски.
Собата во која избувнал пожарот е испразнета и најбргу што може ќе биде реновирана.
За една година и два месеца, колку што тој е директор на затворот „Идризово“, Јовановски вели дека ова е прв пожар во затворските соби. Пред една недела во пожар изгоре неговиот службен автомобил, а изминатива една и пол година изгореа седум возила на вработени во затворот „Идризово“.